Резултатите од една неодамнешна студија покажуваат дека зголемувањето на бројот на електрични автомобили во светот во последните десет години доведе до зголемување на потрошувачката на електрична енергија за неверојатни 3.630 проценти. Од друга страна, желбата на автомобилската индустрија да премине кон електричен погон и целосно да го запре производството на мотори со фосилни горива отвора сериозно прашање. Дали зголемувањето на бројот на електрични возила во светот ќе го загрози снабдувањето со електрична енергија? Дека ова прашање е сосема оправдано покажуваат резултатите од неодамнешното истражување спроведено од економскиот сајт „Финболд“, кој е специјализиран за теми од областа на банкарството, финансиите, криптовалутите и технологијата. Според резултатите, побарувачката на струја во наредните години, поточно до 2030 година, ќе се зголеми за – 631,96 отсто!
Овој процент можеби звучи импресивно за неупатените, но во реалноста не е. Имено, според податоците на Меѓународната агенција за енергетика, побарувачката за електрична енергија предизвикана од зголемената употреба на електрични автомобили, од 2013 до 2023 година, остварила глобален раст од дури – 3.630,77 отсто. Потрошувачката секако варира во различни делови на светот, па со оглед на огромниот економски раст на Кина во последните децении, не е изненадување што таа води во потрошувачката на електрична енергија за електрични возила.
Електричните автомобили во Кина потрошиле вкупно 470 гигавати на полнење батерии во 2013 година, додека една деценија подоцна таа бројка изнесувала 38.000 гигавати. А според проекцијата за 2030 година се очекува раст од 505,26 отсто или 230.000 гигавати. Тоа е дури 32,39 отсто од вкупната проектирана глобална потрошувачка на електрична енергија за електрични возила.