Два „ледени објекта“ откриени во далечниот дел од нашата галаксија предизвикаа збунетост кај научниците, бидејќи не личат на ништо што е досега снимено. Јапонските истражувачи веруваат дека ова би можело да биде сосема нов тип на ѕвезда, што би го променило нашето разбирање за формирањето на ѕвездите. Во 2021 година јапонските научници првпат ги забележаа овие необични објекти користејќи го вселенскиот телескоп „Акари“. Меѓутоа, само неодамнешните кампањи за набљудување ја потврдија нивната уникатност. Според студијата објавена годинава, светлината што доаѓа од овие објекти не се вклопува со постојните теории за формирање ѕвезди.
Објектите се пронајдени во два различни дела на Млечниот Пат: објектот 1 се наоѓа на околу 30.000 светлосни години од Сонцето, во делот познат како крак Крос-Штит, додека објектот 2 е оддалечен околу 44.000 светлосни години од Сонцето, во кракот Карина-Стрелец.
Иако се чини дека се блиску една до друга кога се гледаат од Земјата, овие две „ледени топки“ се всушност многу оддалечени и не се поврзани.
Новите набљудувања со помош на Големата милиметарска/подмилиметарска низа Атакама (АЛМА) во Чиле покажаа дека објектите се до 10 пати поголеми од нашиот Сончев Систем и дека се изолирани од региони во кои вообичаено се формираат ѕвезди. Тие емитуваат инфрацрвена светлина слична на ѕвездите, но се богати со мраз. Нивниот хемиски состав вклучува јаглерод моноксид и силициум диоксид. Оваа комбинација на својства, сепак, не одговара на ниту еден познат тип на ѕвезден или гасен облак.
– Се обидовме да ги репродуцираме својствата на овие објекти користејќи постојни теории, но моментално нема објаснување што може да ги објасни нивните спектрални енергетски карактеристики – вели Такаши Шимониши од универзитетот „Ниигата“.
Научниците веруваат дека ова би можело да биде нов тип на млада ѕвезда што исфрла материјал богат со силикон. Сепак, нивната мала големина, високата содржина на мраз и изолацијата од познатите региони за формирање ѕвезди остануваат нерешена мистерија.
Тимот научници се надеваат дека новите набљудувања со помош на вселенскиот телескоп „Џејмс Веб“ ќе дадат одговори.