Неандерталците, кои исчезнале од археолошките записи пред приближно 40.000 години, долго време се сметаа за наши најблиски еволутивни роднини. Но од првото откритие на неандерталски остатоци во 19 век, научниците расправаат дали неандерталците се посебен вид или едноставно се подгрупа на нашиот, хомо сапиенсот.
Што вели науката? Конкретно, што покажуваат генетските докази, кои не постоеле во времето кога многу рани хомо сапиенси биле првпат откриени?
– Прашањето дали неандерталците може да се сметаат за ист вид како модерните луѓе е комплицирано поради нашето разбирање за тоа што всушност претставува видот – вели Џеф Шварц, физички антрополог и професор емеритус на Универзитетот во Питсбург.
Неандерталците имале подолга и пониска глава со косо чело
Најчестата дефиниција, наречена концепт на биолошкиот вид, ги опишува видовите како групи на индивидуи што може да се вкрстуваат во природата и да произведуваат одржливо потомство. Но дури и денес неколку необични хибриди откриваат дупки во оваа дефиниција, затоа што и други комбинации произведуваат одржливо потомство, на пример со вкрстување на лав и тигар и на крава и американски бизон. Долг период научниците не знаеле дали неандерталците и современите луѓе се вкрстувале, така што оваа дефиниција не била посебно просветлувачка. Наместо тоа, раните процени се правеле врз основа на анатомијата на неандерталците, која е доволно различна од онаа на хомо сапиенсот, така што експертите често можат да ги разликуваат коските од двете групи. Неандерталците имале подолга и пониска глава со косо чело и помалку изразена брада, на пример, а нивните тела биле покрупни.
Оттука, во 1864 година неандерталците првпат се класифицирани како посебен вид, хомо неандерталерсис. Но, како што се откриваа претходни човечки сродници – како што е хомо еректусот во 1891 година, хомо хеиделбергенсисот во 1907 година и хомо хабилисот во 1960 година – нивните меѓусебни односи стануваа сè покомплексни.
– Во споредба со другите видови, неандерталците изгледаат многу „човечки“ – рече Шварц.
Неодамнешните истражувања сугерираат дека двете групи имале слични слуховни и вокални способности, а контроверзните наоди укажуваат на тоа дека неандерталците можеби ги погребувале своите мртви и правеле накит и уметнички дела.
Во 1962 година група антрополози, генетичари и бихевиористи се состанаа во Австрија за да гласаат за еволутивната историја на човечките сродници врз основа на видовите откриени во тоа време. Нивниот ракопис, наречен „Класификација и човечка еволуција“, ги вклучува неандерталците под хомо сапиенсот како подвид или хомо сапиенс неандерталерсис.
Импликацијата е јасна: неандерталците и луѓето се вкрстувале
Дури подоцна, во 1970-тите и 1980-тите години, неандерталците се реоткриени како посебен вид врз основа на нови анализи и сѐ уште тоа е најчестиот назив што може да се види денес. Но откритието од 2010 година повторно ги потресе работите. Меѓународен тим од десетина истражувачи го објави првиот нацрт на геномот на неандерталците, основан на три лица, и го спореди со геномот на современиот човек.
Авторите пронајдоа знаци на неандерталски потпис во човечките геноми, што сугерира дека неандерталците се мешале со современите човечки предци пред најмалку 120.000 години. Десетици труда оттогаш ја потврдија оваа теорија и открија дека пред околу 47.000 години мешањето се случувало во текот на повеќе генерации во период од околу 7.000 години.
– Импликацијата е јасна: неандерталците и луѓето се вкрстувале – рече Жауме Бертранпетит, еволутивен биолог од Универзитетот „Помпеу Фабра“ во Барселона, додавајќи дека неандерталците и хомо сапиенсите исто така се вкрстувале и со друга група рани хоминиди.