Неодамна на интернет и на социјалните мрежи почнаа да кружат гласини дека овошниот горчлив аперитив „аперол шприц“, кој Италијанците го обожаваат и кој во последните години го освои остатокот од Европа, е всушност канцероген. Главни виновници зад оваа теорија се боите Е110 и Е124 пронајдени во пијалакот. Доколку сте љубител на популарниот пијалак од портокал, кој традиционално се пие со просеко и сода, подгответе се за информацијата дека боите во него се адитиви и затоа се нездрави, бидејќи се целосно синтетички.
Бојата Е110 е жолта или портокалова, Е124 е црвена, а втората е дури и забранета во САД, каде што законите се многу помалку ригорозни отколку во ЕУ. Тоа го кажува д-р Фолкер Манц, нагласувајќи дека Американците се всушност порелаксирани во однос на ваквото означување, а фактот што меѓу нив е забранет и Е-бројот, треба, според него, да нѐ наведе да размислуваме и да внимаваме. Но до денес не постои истражување што покажува дека пијалакот е навистина канцероген.
– Постојат експерименти врз животни и хемичари што истакнуваат дека Е124 се користи како боја за текстил што предизвикува алергии на кожата. Значи, има смисла дека не треба да претеруваме со консумирањето на оваа боја во форма на пијалак, нели? Во експериментите со животни, високите дози всушност доведоа до зголемено формирање тумор – вели Манц.
Исто така треба да се забележи дека овие експерименти врз животни никогаш не можат да се пренесат врз луѓето и дека нема докази дека самиот „аперол“ е канцероген. Според д-р Манц, „аперолот“ се состои од шеќер, алкохол и вештачки адитиви како што се боите. Оваа комбинација ја нарекува токсично трио.