Успешен менаџер за продажба е оној што оди по песок, не му го слушаш чекорот, но трагите остануваат – ова е главната порака од книгата „Траги врз песок“ од Бојан Стефановски

„Траги врз песок“, корисен водич за успех на менаџери за продажба, инспириран од врвните спортски тренери, беше промовиран минатата недела. Автор на ова инспиративно и мотивациско четиво, кое ги обединува бизнисот и спортот, е Бојан Стефановски. Во својот вовед на книгата авторот истакнува дека таа може да биде особено од корист за младите луѓе, како надградување на базата стекната во образовниот процес и искуството што го имаат од продажбата.
Бојан Стефановски е менаџер за продажба во „Нестле“. Во тој сегмент е одговорен за пазарите во Македонија, Косово и Црна Гора. „Траги врз песок“ е негово прво теоретско книжевно дело.
– Да создадете добар менаџер за продажба е тежок и долг процес. Ќе работите со некој човек, ќе инвестирате во него (пренесување на знаење, енергија, средства, време) и многу лесно може да се случи тој брзо да ја промени средината, по што влегувате во нов циклус. Затоа се решив да оставам некаква трага зад себе, со пишан збор што ќе може да го користат помладите менаџери – подвлекува Бојан.
Во книгата се опфатени цитати од 44 врвни тренери и спортисти, ставени во контекст од еден поинаков агол. Прикажана е врската на нивниот начин на менаџирање во спортот од една страна, со работата во продажбата и со реалниот животот воопшто од друга страна. Но, исто така, преку таа поврзаност е прикажан нов пристап кон решавање на предизвиците. Во тој поглед се анализирани изјави, интервјуа, биографии и работата на голем дел познати имиња од спортот како: Фил Џексон, Пет Рајли, Јирген Клоп, Пеп Гвардиола, Алекс Фергусон, Жозе Мурињо, Карло Анчелоти, Ќиро Блажевиќ, Лино Червар, Светислав Пешиќ, Жељко Обрадовиќ, Кирил Лазаров и многу други.

Успешен менаџер за продажба е оној што оди по песок, не му го слушаш чекорот, но трагите остануваат – ова е главната порака од книгата. Рецензенти на книгата се: Предраг Трпески, декан на Економскиот факултет во Скопје; Кирил Лазаров, светска спортска легенда и ракометен тренер; Ѓорѓе Војновиќ, бизнис-менаџер, и Милован Стефановски, писател. Во нивните искази, кои се додадена вредност на ова дело, апострофирана е вредноста на ова дело.
Кирил Лазаров, нашата и светска спортска легенда и ракометен тренер, дава одлични коментари за квалитетите на „Траги врз песок“. Тој наведува дека авторот ги користи стратегиите за успех од врвните спортски тренери и ги применува на многу умешен начин, за да бидат во функција во полето на бизнисот.
– Успехот на секој спортист лежи во макотрпната работа, истрајноста, упорноста, самодисциплината, борбеноста и желбата за успех. Патот на Калин, главниот лик во книгата, во многу нешта личи на трнливиот животен пат на секој спортист што се стреми за успех во кариерата. Оваа книга претставува одличен водич за успех за сите амбициозни млади луѓе што имаат желба, мотивација и волја да остават видливи траги зад себе. Сигурен сум дека силните пораки во текстот ќе создадат нови борци со победнички менталитет – посочува Кирил Лазаров.
Предраг Трпески, пак, истакнува дека уникатната вредност на „Траги врз песок“ лежи во нејзината универзална филозофија за успех, која ја надминува професионалната сфера.

– Ставовите на познатите спортски тренери, вградени во приказната се корисни не само за менаџерите за продажба туку и за сите оние што се стремат кон личен раст. Преку животните лекции на главниот лик, читателот учи како да остане посветен, да се справува со предизвиците и да ги користи неуспесите како основа за идни победи, како во работата така и во приватниот живот. Книгата дава силна порака дека секој пат започнува со првиот чекор, а првиот чекор е плод на решителноста – вели Трпески.
Писателот Милован Стефановски укажува на неверојатниот усет на авторот за реализирање една акрибична постапка во составувањето комплексен мозаик од случки и настани. Ова дело без никакви дилеми и од повеќе аспекти може да биде примамливо и прифатливо за поширок круг читатели.