Месецов се одржа работилница инспирирана од македонските народни приказни, која се базираше на принципите на Берт Хелингер и им помогна на учесниците да истражат и разјаснат различни животни ситуации и односи преку симболиката на народните приказни
Во културниот центар „Јадро“ е отворена изложбата „Метаморфози“, дел од проектот „Корени и откровенија“ на Марја Шормаз. Овој проект го истражува длабокото поврзување помеѓу македонскиот фолклор и современите човекови искуства, со посебен акцент на нашиот однос со природата.
Месецов се одржа работилница инспирирана од македонските народни приказни, која се базираше на принципите на Берт Хелингер и им помогна на учесниците да истражат и разјаснат различни животни ситуации и односи преку симболиката на народните приказни. На крајот од проектот се организира изложба на делата создадени во текот на работилницата, кои нудат креативни интерпретации и уметнички прикажувања на темите присутни во традиционалниот фолклор. Изложбата вклучува уметници од Македонија и студенти од Факултетот за ликовни уметности во Скопје.
Марја Шормаз е родена во Белград во 1977 година. По завршувањето на Архитектонскиот факултет во Белград, специјализирала на Атинската школа за ликовни уметности, каде што го истражувала односот помеѓу различните уметнички дисциплини и психофизичкото влијание на визуелните елементи врз луѓето. Преку мултидисциплинарен пристап во уметноста, работела во различни медиуми, експериментирајќи со форми што ги поврзуваат архитектурата, ликовната уметност и другите уметнички дисциплини. Овој начин на работа ѝ овозможил да развие уникатен уметнички израз, кој ги третира современите социјални и еколошки прашања. Од 2018 година има статус на самостојна уметница, а нејзините дела се изложувани на многу изложби како во Србија така и во странство.
Посебно се истакнува нејзината работа на проектите поддржани од Креативна Европа. Нејзиниот работен опсег опфаќа широк спектар на уметнички практики и тематски истражувања. Таа се занимава со еколошки и социјални прашања, користејќи ја уметноста како алатка за издигнување на свеста за горливите проблеми во современото општество, како што се климатските промени, социоекономската нееднаквост, отуѓувањето од природата и социјалната правда. Работејќи со рециклирани материјали и еколошки одржливи практики, нејзините дела поставуваат прашања за одговорноста на уметноста кон општеството и природата.