Знаменитостите на Македонија
Преданието наведува дека селото најпрвин се наоѓало неколку стотина метри северозападно од денешната местоположба, околу изворот Шумљаковац. Меѓутоа жителите морале да го напуштат тоа село, бидејќи поради нешто било запалено. Селото не било преместено одеднаш, туку домаќинствата се селеле повеќепати. Од старите родови во некогашното село, во денешното село се зачувани само родовите Кајевиќи и Ливриниќи
Чучер-Сандево се наоѓа во областа Црногорија, во југозападните делови на планината Скопска Црна Гора. Селото зазема амфитеатрална положба. Сместено е на падините на ридот Тромеѓа, како и во една сува долина. Жителите се снабдувале со вода за пиење од пет чешми, кои се напојуваат од изворот Шумљаковац, северозападно од селото. Во атарот на селото постојат и други извори на вода, особено во планинскиот дел. Чучер е едно од ретките села во кои има куќи со пространи чардаци и чешми со многу дулки. Има особен збиен тип, а родовските куќи образуваат свои маала, како што се Џепиќи, Урдаревиќи, Кајевиќи, Ливриниќи и други. Во поново време, куќите се градат издвоени од стариот дел на селото.
Западно од селото, во близината на реката Лепенец, се наоѓала некогашна Дафина Кула, во која според кажувањата на локалното население се наоѓала некоја жена по име Дафина. Подоцна, кулата била освоена од Турците. И денес се наоѓаат остатоците од некогашната кула и други ѕидини. Преданието наведува дека селото најпрвин се наоѓало неколку стотина метри северозападно од денешната местоположба, околу изворот Шумљаковац. Меѓутоа жителите морале да го напуштат тоа село, бидејќи поради нешто било запалено. Селото не било преместено одеднаш, туку домаќинствата се селеле повеќепати. Од старите родови во некогашното село, во денешното село се зачувани само родовите Кајевиќи и Ливриниќи.
Првичното име на селото било само Чучер, но било додадено и Сандево по Втората светска војна во чест на народниот херој Александар Урдаревски-Санде. Всушност, по војната се случило спојување на старото село Чучер и новосоздадената населба Сандево во непосредната близина на селото.
Според опширните османлиски дефтери за населението на Скопската каза од 1832/33 година, селото било христијанско, со 33 христијански домаќинства. На овој попис биле забележани 152 мажи христијани, со пет новороденчиња. Се проценува дека селото во тој период имало 314 жители. Стефан Верковиќ во 1857 го бележи со 429 жители. Според податоците на Васил К’нчов („Македонија. Етнографија и статистика“) од 1900 година, во Чучер живееле 360 жители. Според секретарот на Бугарската егзархија, Димитар Мишев („La Macédoine et sa Population Chrétienne“), во 1905 година во Чучер имало 640 жители, патријаршисти.
Чучер е православно село со мешан состав на населението, Срби и Македонци. Сите родови се доселени, едните со потекло од јужниот дел на Косово, а другите од некогашни села на планината Скопска Црна Гора.
Според истражувањата на Јован Трифуноски, постари родови во селото се: Кајевиќи или Кајови (20 к.), доселени се од селото Ѓерекаре кај Витина, нивниот предок најпрво се населил во Горњане, па преминал во Чучер. Во Чучер останале три негови синови, додека четвртиот се преселил во Бањане; Ливриниќи или Ливрини (20 к.), доселени се од местото Св. Спас, тоа лежи на планината Скопска Црна Гора, северно од Бањане. Го знаат следното родословие: Јован (жив на 56 г. во 1969 година) Анѓелко-Стевко-Перо-Миленко, се доселил таткото на Миленко. Старото име им било Миленковиќи. Предокот Миленко имал и еден син Златан и по него една родовска гранка се вика Златановци. Во 1930 година една родовска гранка (Зивчевиќи) се поделила на 42 членови.
Помлади родови се: Путиќи или Путови (4 к.), доселени се од некаде; Џепиќи или Качаниклиќи (4 к.), доселени се од селото Ѓургевдол кај Качаник. Го знаат следното родословие: Живко (жив на 34 г. во 1969 година) Перо-Крста-Митар-Анѓелко, се доселил таткото на Алѓелко; Ќуксановиќи (13 к.), доселени се од населбата Јуручка Река на планината Скопска Црна Гора (близу селото Блаце). Две нивни гранки се викаат Стамболиеви и Лулеви; Јанковиќи или Јанкови (4 к.), деленици се од родот Ќуксановци; Челинковиќи (четири к.), доселени се од сега албанското село Блаце кај Качаник и Урдаревиќи (осум к.), доселени се од селото Штрпце кај Сириниќ. Велат дека таму имаат роднини. Д.Ст.
Црногорија – историско -географска област во северниот дел на Македонија
Црногоријата ги опфаќа селата распослани на јужните падини на планината Скопска Црна Гора. Областа на север, исток и запад е заокружена од огранки на самата планина Скопска Црна Гора. Во минатото селото Блаце припаѓало на областа Црногорија. Истовремено, селата Раштак, Булачани и Црешево се сметаат за дел од областа поради самото население. Поради доселувањата од селата на Скопска Црна Гора и селата Горно Оризари и Радишани се сметани за дел од областа. Селото Стајковци исто така се смета за дел од Црногорието од локалното население и од околното население поради непосредната близина со села како Црешево и Смилковци, кои се дел од Црногорието. Стајковци и Црешево се оддалечени околу два-три км од едното село до друго. Села што влегуваат во рамките на областа: Горњане, Бањане, Чучер, Глуво, Бразда, Мирковци, Кучевиште, Побожје, Бродец, Љубанци и Љуботен.
Eдинствениот Македонец што го преживеал Титаник
Стојко Додоловски или Стојко Каевиќ (род. 1896 во Чучер, Скопска Црна Гора, – поч. во Чикаго, САД, не се знае точната година) е единствениот Македонец што го преживеал „Титаник“ на 15 април 1912 година.
Стојко е роден во 1896 година во селото Чучер на падините на Скопска Црна Гора. Бегајќи од теророт на Турците и Арнаутите уште како млад, Стојко на 16-годишна возраст решил да тргне за „ветената“ земја – САД.
Со нешто заработени пари доаѓа во Саутхемптон, од каде што требало да тргне бродот „Титаник“. Едвај успеал да купи билет во последен час, и тоа од еден поп, кој иако го купил бил спречен да појде, па му го препродал на Додоловски. Судирот на бродот со мразот се случил ноќта спроти 15 април 1912 година, Додоловски успеал да дофати еден појас и да скокне од 15-метарската височина гонет од единственото чувство за живот.
Се дофатил за еден чамец што меѓу првите бил спуштен со богати господа. Молел 16-годишниот Македонец да го примат, но погледите им биле студени дури укорувачки што се осмелил да се дофати за нив. Еден господин си ги подвиткал нозете со топлото ќебе, а го покрил и кучето да не настине, но за Додоловски немале милост. Држејќи се така во ледениот Атлантски Океан почнал да се грчи и мрзне, гласот му се фаќал и губел, а силата го напуштала додека не се откачил од чамецот немоќен веќе.
Господата не го ни погледнале, а тој се нашол среде океан во темница. Постепено се наголемувал бројот на давеници и делови од инвентар. Закачен за еден превртен чамец во мигот кога океанот почнал да го влече кон океанот напуштен и од последните сили, го наоѓа офицерот Лоу, единствениот од таа ноќ вреден за почит, кој со чамец ги собирал преживеаните подоцна. Еден од дванаесеттемина спасени од Лоу бил Македонецот Стојко.
Лоу го ставил во чамецот, го вртел и триел. Подоцна е префрлен на бродот „Карпатија“, каде што се сретнал со господата со кученцето. Во Њујорк чекале милиони луѓе испаничени барајќи свои меѓу преживеаните. Од 2.224 патници на „Титаник“ дури 1.517 останаа на морското дно.