Целовечерeн музички ритуал со „Сајкаделик трипс ту дет“ од Солун и „Вил дискас“ од Скопје се одржа во „Котур“.
„Сајкаделик трипс ту дет“ се енергичен постпанк/ноиз бенд што доаѓа од Солун. Формирани се во 2010 година и се едни од предводниците на солунската алтернативна сцена. Нивниот мрачен и дистописки звук вградува елементи на психоделичен рок, индастријал и експериментална електроника. Со беспрекорна напнатост, од метрономските пулсации на воведните тактови, преку заканувачките вокали до цврстите бас-линии, тие создаваат френетични и параноични звучни пејзажи што влегуваат под кожата.
Како локална поддршка настапија „Вил дискас“ од Скопје. Станува збор за отворен колаборативен проект на Тодор Караколев (електроника, вокал), овој пат заедно со Кристијан Савиќ (гитара). Во спонтана музичка (де)компресија тие создаваат психоделична музика за танц. Нивниот деби-албум излегува наскоро во издание на „Стотројка“.