Вчера во Загреб на 52 години ненадејно почина познатиот хрватски џез музичар и композитор Матија Дедиќ. Многу планови и желби останаа нереализирани, прекината е една креативна, ѕвездена патека по која чекореше Матија.
Неговите колеги од целиот регион, со неверица се простуваат од него, истакнувајќи ја неговата дарба, миговите на соработка и незаборавните концерти, како и неговите вредности како човек и пријател.
Матија е роден на 2 март 1973 година во Загреб, во познато семејство на музичари и пејачи, негови родители се легендарните Арсен Дедиќ и Габи Новак. Веројатно поради наследниот талент, но и музиката што постојано го опкружувала тој како петгодишно момче почнал да свири пијано.
По зазвршувањето на средното музичко училиште 1991 година заминува за Грац, Австраија, каде 1997 година дипломира на Уметничката академија „Харалд Њувирт“. Набрзо станува познат на хрватската музичка сцена, а во текот на својата успешна и плодна кариера настапувал во речиси сите европски центри и во САД, со големи муички имиња. Пишува музика за телевизија и филм, а настапува и со познати хрватски и регионални музичари.
Добтиник е на бројни награди, а од Хрватското друштво на композитори прогласен е за најдобар џез композитор. Повеќекратен добитник е и на наградите „статус“ и „порин“ за најдобри џез албуми, композиции и инструментална изведба.
Според менаџерот Бобан Милошески во ноември во Скопје, заедно со Зоран Предин во Македонска филхармонија требало да одржи концерт, насловен „За Арсен“, кој првобитно требало да се одржи пролетва, но одложен е поради трагедијата во Кочани. М.Т.