Има денови кога едноставно ништо не оди како што треба. Ама апсолутно ништо, почнувајќи од утрото до вечерта, цел ден и ноќ. Тоа секому му се случило. И што и да правиш во остатокот од денот, уште полошо е. Таков е денот, составен од тешки, тврди, незгодни моменти. Во такви денови едноставно или легнуваш да спиеш за што побрзо да помине или не правиш ништо, само седиш и блееш, или талкаш така сам, не ти треба никој. Или, пак, можеби најдобро е едноставно возење со автомобилот, бесцелно, како што вели Бодан: „Кога сум луд, кога немам каде, имам автопат“.
Во еден од тие денови, ете ме мене во мојот автомобил, ете го автопатот, ете го тоа долго возење каде било и ете ја за мене најдобрата терапија – музиката. Имам колекција на песни составена само за таквите денови, но откако ја открив плочата на Брус Спрингстин посветена на соул-музиката не пуштам ништо друго. А таа е толку прекрасна, со толку емоции, сеќавања, љубовни и животни приказни, никако да ми здодее. Неверојатно дело, како создадено за автопат, дополнето со неверојатниот и прекрасно груб глас на Брус, кој сјае и грми, кој во одредени моменти како пчела заглавена во тегла мед се труди да избега, во одредени моменти како кадаиф го обвиткува женското тело, а во други како роза ја допира душата. Дури откако ја издаде оваа плоча сфатив зошто велат дека неговите оригинални песни се полни со душа, а соул-музиката не може секој да ја долови, мора да го имаш тој соул, таа љубов во себе барем малку. Плочата се вика „Only The Strong Survive“ и е преполна со обработки на соул, нортерн соул и рокабили-музика од 1960-тите и 1970-тите, нормално во аранжмани што самиот Брус си ги подготвил за себе. Тие песни во тој период биле хитови за денес да се сметаат за евергрини.
Имињата на пејачите и композиторите се врвот на овој тип музика: „Фор топс“, Џери Батлер, Доби Греј, „Комодорес“, Френк Вилсон, Френки Вали, „Вокер брадерс“, „Темптејшнс“, Бен Е. Кинг, Џими Рафин, како и песните што ги напишале или отпеал: „Only The Strong Survive“, „Soul Days“, „Nightshift“, „Do I Love You (Indeed I Do)“, „The Sun Ain’t Gonna Shine Anymore“, „When She Was My Girl“, „I Wish It Would Rain“, „What Becomes of the Brokenheart“, „Someday We’ll Be Together“. И замислете го само тоа чувство, отворен пат, сам, господар на патиштата, сѐ околу е само привид на нешто покрај кое поминуваш со брзина од 120-130 на час, детали што не ги ни забележуваш. А од звучниците Брус ја пее обработката на „Only The Strong Survive“ од Џери Батлер. Оваа песна беше неприкосновен хит, прифатена и од белците и од црнците, некаде на крајот на 1960-тите, каде што поентата на текстот е дека што и да се случи, ако паднеш на колена и илјадапати, мораш да станеш и да застанеш на свои нозе 1.001-от пат, затоа што само силните опстануваат. Или пак „Soul days“, оригинално напишана од Џони Барнет, во изведба на Доби Греј и неверојатните стихови: „Се разбудив чувствувајќи го сонцето како лебди преку моето лице/Ме врати на емоциите од друго време и место/Она од вчера/Крстосување со мојот „шевролет“/Го држев моето бебе во раце/Но, мојата прва љубов секогаш беа тие песни…“
Ова се стихови толку едноставни, но ги погаѓаат сите оние што некогаш биле 19-годишници (сега веќе во средни/одминати години), уживајќи во прекрасниот сончев ден преполн со соул-музика, чекајќи да се појави таа, за да може срцето да прерипува од љубов. Веќе не прават ваков тип песни, но затоа остануваат овие дијаманти да нѐ потсетат на некое друго време.
Можам само да го замислам Брус Спрингстин (роден во 1949 г.) кога бил дете како ја апсорбирал таа соул-музика, слушајќи радио, гледајќи телевизија, гледајќи ги во живо сите тие прекрасни соул-музичари, допирајќи и градејќи ја својата душа од нивните души. Еден од најголемите музичари, текстописци, рокери, пејачи на сите времиња, оној што во своите текстови ја пресликува природата на обичниот американски работник, љубовта, враќањето на војниците што се борат таму некаде, Денот на независноста, приказна за таткото… Тој излезе од сето тоа и го направи ова ремек-дело како посвета на соул-музиката од 1960-тите и 1970-тите години. Рокерот со рокерски зарипнат глас успеа да го долови она што се чинеше дека денес во ова општество со урнисани вредности не може да се долови. Цврсто, исправено, гордо, емотивно, правејќи нѐ горди на некој начин и нас, кои сѐ уште веруваме во вистинските вредности. А љубовта е една од нив, ако не и најголемата. Нели?
Љупчо Давчев