Брижит Бардо пет пати беше осудена за расистички изјави. Таа беше сопатничка на кампот на Ле Пен и единствена позната личност што отворено ги прифати неговите крајно десничарски ставови. Нејзината фондација објави дека починала во неделата, на 28 декември.
Актерката Бардо беше ѕвездата на „Презир“; политичарката Бардо беше поборник за расна омраза. Осудена пет пати за поттикнување расна омраза, Брижит Бардо триесет години беше исклучок во француската култура, единствената позната личност што отворено ја бранеше крајната десница. Во 1990-тите, откако се пензионираше од филмските сетови, ѕвездата ги прифати идеологијата и еден човек, Бернар д’Ормал, советник на Жан-Мари Ле Пен, кој остана нејзин сопруг до крајот на нејзиниот живот, пишува париски „Ле монд“. Или, пак, како што париски „Либерасион“ – лидер во Франција за најубедливи насловни страници – во понеделничкиот број ја придружи сликата на Брижит Бардо со нејзините иницијали ББ и поднаслвот страна А, страна Б.
Токму страната Б е темната страна од нејзиното општествено и политичко ангажирање.
Во нејзиното непријателство кон имиграцијата и носталгијата за Франција што ја сметаше за изгубена, таа беше слична на Ален Делон, уште едно олицетворение на златната доба на францускиот филм. Разликата е во тоа што Брижит Бардо често даваше исламофобични забелешки. Олицетворение на женската слобода, нејзиното отфрлање на општествените конвенции ја наведе, по нејзината актерска кариера, да ги помести границите на она што може да се каже, некаде помеѓу вкусот за провокација и отворениот расизам.
„До неа, Мерилин Монро изгледаше како келнерка“. „Вака зборува Жан-Мари Ле Пен во своите мемоари (Трибун на народот, 2019), раскажувајќи ја својата прва средба со Бардо кон крајот на 1950-тите. Откако се вратил од Алжирската војна, пратеникот од Сена бил и известувач за воениот буџет во Националното собрание. Тој ѝ предложил на Брижит Бардо да ги посети ранетите војници во нивните болнички кревети. Бардо прифатила – „Сепак, таа беше сè друго, освен милитаристка“, забележува Ле Пен. „Имаме повеќе заедничко отколку што изгледа. Таа ги сака животните, копнее по чиста Франција; се восхитувам на нејзината храброст и нејзината отвореност“, пишува тој.
Се создава врска со двојката Ле Пен. Жан-Луј Бугеро, столб на огранокот на Националниот фронт (ФН) во Вар, стана нејзин адвокат и адвокат на фондацијата „Брижит Бардо“, организација за права на животните. Една вечер во 1992 година, во Сен Тропе, на вечера организирана од Жани Ле Пен и Жан-Луј Бугеро, Брижит Бардо се сретна со Бернар д’Ормал. Заедно со овој активист, кој имаше функции во Националниот фронт во регионот Алпи-Маритим, ѕвездата ќе ги потврди своите политички убедувања и ќе го поддржи подемот на крајната десница.
„Не сум расист во срцето“. Кон крајот на 1990-тите, таа јавно ги поддржа првите градоначалници на големите градови од ФН, Тулон и Витрол. Нејзиниот активизам за правата на животните одеше рака под рака со нејзината исламофобија. Во писмо објавено од крајно десничарското списание „Презент“, Брижит Бардо предупреди на Курбан бајрам, постојана опсесија што „ќе ја обои земјата на Франција со крвта на заклани овци“. Потоа: „Тие ги колеа жените и децата, нашите монаси, нашите државни службеници, нашите туристи и нашите овци; еден ден ќе бидеме заклани, и тоа ќе ни се случи. Муслиманска Франција, северноафриканска Маријана? Зошто да не, во овој момент?“ Се донесе и првата пресуда, и покрај изјаснувањето на Валеран де Сен-Жист, функционер на Националниот фронт. На обвинителната клупа, Брижит Бардо ја даде оваа чудна изјава: „Не сум расист во душа“.
Во „Ла мадраг“, екстремно десничарскиот печат е расфрлан на масата во дневната соба, но само Д’Ормал го чита. Брижит Бардо ги гледа само цртаните филмови во „Минута“, на страницата 2. Таа ги мрази левицата, „живеењето заедно“ и Брисел, фантазира за Франција покриена со бурки и минариња и го почитува Владимир Путин. Таа не се согласува со сè во врска со Националниот фронт: таа вели дека е за абортус и го смета Жан-Мари Ле Пен за претеран, особено неговиот ревизионистички забелешки. Сепак, тој останува „пријатен, ерудитен, многу љубезен човек“.
Брижит Бардо сè уште ја претпочита својата ќерка Марин, „Јована Орлеанка на 21 век“, на која ѝ го дава на изборите својот глас. Таа позира и покрај Флоријан Филипо, во времето кога тој се етаблираше како број два во Националниот фронт, а фондацијата „Брижит Бардо“ беше еден од првите клиенти на Ривал, давател на услуги за Националниот фронт, основан од Фредерик Шатијон, поранешен член на ГУД (Група унија одбрана) и пријател на Марин Ле Пен.
Сепак, со текот на времето, правата на животните стануваат нејзин единствен политички компас. Во оваа кауза, таа ја наоѓа и Марин Ле Пен покрај себе.
– Но му се обратив и на Меланшон (крајна левица), честитајќи му што е вегетаријанец и што има план против кланиците. Ако утре некој комунист ги прифати предлозите на мојата фондација, јас аплаудирам и гласам – изјави таа за „Ле монд“ во 2018 година. „Но повеќе нема да му ја давам мојата поддршка никому!“ Три години подоцна, во неделникот „Актуелни вредности“, Брижит Бардо ги пофали Марин Ле Пен и Ерик Земур.

Тони Гламчевски