Легендарната британска соул, фанк и дискогрупа „Делегејшн“, која остави неизбришлив белег на музичката сцена во 1970-тите и 1980-тите години и ги освои Европа и САД со својот препознатлив звук, ќе настапи на 29. издание на „Златна бубамара на популарноста“ на 26 февруари во арената „Борис Трајковски“. За својата извонредна кариера, групата ќе ја добие наградата за животно дело.
Срцето и гласот на групата е незаменливиот Рики Бејли, основач и водечки вокал, кој уште од 1976 година ја води „Делегејшн“ до интернационален успех.
Со нивните најголеми хитови како: „You and I“, „Darlin’ (I Think About You)“, „Oh Honey“, „Where Is the Love“, „Heartache No. 9“ и „ Put a little love on me “, песни што ја дефинираа ерата на британскиот соул и фанк, продолжуваат да пленат и денес.
Настапот ќе биде дополнет од Енди Вилијамс, исклучителен туринг-клавијатурист, кој настапувал со легендарната група „Хот чоклејт“, носејќи ги на сцена сите богати звучни текстури, синтисајзери и електрично пијано што го создаваат препознатливиот звук на „Делегејшн“.
Овој настап ќе биде вистински празник на музиката, емоциите и трајната магија на „Делегејшн“, а годинешното мото на „Златна бубамара“ – „Апсолутна власт, апсолутна забава“ – ќе добие свое вистинско значење на сцената на 26 февруари.
Оваа година на „Златна бубамара“ ќе гостува и соул-божицата Марта Хај, легендарната вокалистка и долгогодишен придружен глас на Џејмс Браун, која ќе добие награда за животно дело. Две музички легенди за легендарното издание на „Златна бубамара на популарноста“.