Фото: Александар Петковски

„Котон блуз фестивал“ секоја година има хуманитарна нота, па така минатата година заработката била донирана за да се купи мобилен ЕЕГ-апарат за КАРИЛ, а годинава парите од влезниците ќе бидат донирани за Детска онкологија

ИНТЕРВЈУ СО Д-Р ЃОРЃИ ПАСКАЛОВ, ОСНОВАЧ НА „КОТОН БЛУЗ ФЕСТИВАЛ“

Добитникот на „Греми“, Алвин Јангблад Харт и триото на Роб Тоњони, заедно со домашните блузери „Ин д муд“ и Михаило Митов се годинешните ѕвезди на претстојниот „Котон блуз фестивал“, кој ќе се одржи на 28 ноември во „Лабораториум“.

Фестивалот секоја година има хуманитарна нота, па така минатата година заработката била донирана за да се купи мобилен ЕЕГ-апарат за КАРИЛ, а годинава парите од влезниците ќе бидат донирани за Детска онкологија.

Педијатарот  Ѓорѓи Гого Паскалов е еден од основачите на фестивалот чие издание годинава ќе се одржи по петти пат.

Петта година „Котон блуз фестивал“. Очекувавте ли да стигнете до петто издание?

– Да, петта година, искрено не очекувавме ваков пораст. Мислевме дека ќе движи процесот, но не со ваква експанзија. За наша среќа, задоволни сме. Се надеваме ќе продолжиме со вакво темпо.

Имаме блуз-публика и бендови, но на крај локалите пак завршуваат со комерцијална програма

Големи ѕвезди носите годинава, Алвин Јангблад Харт и триото на Роб Тоњони. Лесно ли е да се стигне до нив? Како реагираа кога ги поканивте, имаа ли слушнато за земјава?

– После неколку години се остваруваат контакти, кои го прават процесот полесен. Алвин Јангблад има гостувано во Скопје пред многу години, Роб Тоњони е за првпат. Сите досега што гостувале знаеле за земјава, мислам дека тоа се должи и на „Блуз и соул фестивалот“ што со децении ја ставаше Македонија на светската блуз-мапа.

Фото: Зденко Петровски

Раскажете ми за вашите почетоци, како дојдовте до оваа идеја, и како до нејзината реализација. Која година ви беше најпоразителна, која најмногу ве восхити?

– Идејата ни дојде 2018 година, седевме со Игор Станоески кај него во студио, му кажав дека сакам да направам обединување на сите блуз-музичари и да направиме здружение со интернационален фестивал. Имав чувство како долго време да сме ја имале истата идеја и од истиот ден почнавме да правиме планови. Следно беше формирање на тимот.

Најпоразителна беше првата година, беше пандемијата во замав и имаше многу строги протоколи. Прва година, па спонзорите и државните институции сѐ уште не нѐ познаваа како здружение, а да се донесе музичар од страна поради светската состојба беше многу тешко, но некако успеавме. Најмногу нѐ восхити претходната, едно со тоа што успеавме да го донесеме Мад Морганфилд, син на Мади Вотерс, еден од главните блузери на сите времиња што ќе настапува со наш бенд, плус уште 4 бендови, во полна сала на МКЦ и добивме одлични критики. Посебно сум горд на две работи од минатата година, едната е формирање на ликовната колонија на Игор Станоески – Игиман, која годинава е два пати проширена по број на уметници меѓу кои и вајари. Втората е вклучување на Игор Андоновски во тимот, кој даде енормен придонес за целиов проект.

Колкава е македонската блуз-публика? Освен свирките на „Ин д муд“, се чини дека ја нема таа сцена кај нас, па тие што сакаат блуз можат да го слушаат само по дома. Зошто е тоа така?

– Ја има, само не е неделно константна секогаш. Публика и бендови има доволно, ретко има локали со таргетирана музика, некогаш прават почетни обиди, но на крај пак завршуваат со комерцијална програма.

Фото: Зденко Петровски

Се самофинасирате, а заработените пари ги донирате во хуманитарни цели. Каде сѐ досега имате донирано?

– Не се самофинансираме од старт, првите години имавме поддршка и од Министерство за култура и од градот Скопје. Ги донираме средствата зашто сме ентузијасти што само сакаат да ја одржуваат блуз-културата, донаците главно оделе по болници. За жал, со годините станува сѐ потешко да се одржи интернационален фестивал. Секако, благодарни сме им на сите досега за поддршката.

Што мислите, зошто државата нема слух за вакви манифестации, каде е проблемот?

Проблемот е во инертноста, суштината на поддршката според мене е помош во старт за да дојде момент кога проектот ќе стане независен.

Секако дека сите проекти треба да постојат и да се помогне, но сите треба да добијат шанса, која е тешка ако со добиени средства не може да се покрие ниту основен трошок. Тоа води кон медиокритетност и неможност за исполнување на визијата и целта, макар и нецелосно.

А ние ќе останеме вечни оптимисти.