Вчеравечер Охрид не спиеше од звуците на убавите македонски народни песни, со трубадурски призвук што беа изведени на првата фестивалска вечер на 31. издание на интернационалниот „Охрид фест- Охридски трубадури“.
На сцената Долни Сарај слушнавме 18 новосоздадени песни, што ги испеаjа познати македонски пеjачи на народна музика.
Уметничкиот директор Ључо Соколовски направил навистина добар избор, бидејќи прозвучеа навистина убави мелодии, кои се надеваме уште долго ќе се пеат. Освен песните во стилот на некогашните трубадури, оние кои потсетија на традиционалниот староградски мелос, или пак баладите кои освојуваа со своите текстови, имаше и мелодии со медитерански звук, па и во тактот на валцер, но и песни во духот на македонската традиција.
Фестивалот го отвори охриѓанецот Мишко Микеле Србиноски со „За љубов искрена“.
– Жрепката сакаше токму јас да бидам прв вечерва. Инаку, драго ми е што отпеав една трубадурска песна, како што е и насловен фестивал. Секоја година го следам овој настан, а ова е мое четврто учество, а сум бил и нагрaден. Би сакал во иднина да има повеќе песни кои ќе го оправдаат насловот – Охридски трубадури, кои ќе продолжат да живеат – ни рече Мишко Микеле Србиноски.
На исто мислење е и Гоце Џуклески, легендарен македонски музичар и композитор, чија пeсна „Остани крај мене“, на текст на Милица Кузмановска, во тактот на валцер, ја отпеа Ѓоко Дичоски, а тој го придружуваше свирејќи на својот инструмент, хармоника.
– Овие фестивали секако треба да опстанат за да се зачувува македонската народна музика, иако понекогаш воопшто на фолк-сцената има и мали застранувања. Се надевам дека во иднина ќе слушаме многу повеќе квалитетни македонски народни песни – рече Џуклески.
Истата мисија веќе долги години ја има Симе Герогиевски – Бричот, кој своевремено настапувал на фестивалот, а овојпат е тука како гостин и сопственик на неколку радио-станици во Австралија, каде што живее.
– Треба да има вакви фестивали за да живее македонската народна музика. Јас лично се залагам да нема ни трага од турбо-фолк на моите радио-програми – вели тој.
Познатиот пејач Петар Нечовски е заштитен знак на сѐ што се случува во Охрид, па и на овој фестивал.
– На овој единствен фестивал, јас сум учествувал 20 пати. Вечерва ја пеам песната „Сега друг те љуби“, во медитерански стил, а музика и текстот се мои. Го сакаме од срце „Охрид фест- Охридски трубадури“ и сакаме да продолжи оваа традиција – вели Нечовски.
Меѓу бисерните мелодии што ги слушнавме синоќа беше и „Песна за Свети Наум Охридски“, песна што со многу емоции ја исполни Влатко Миладинов.
– Песната е дело на големиот автор и музичар Тоде Новачевски, а напишана е пред осум години. Дело е на истиот тим што ја создаде и антологиската „Велат нѐ нема“, бидејќи освен Новачевски, текстот е на Крсте Наумовски -Мечкар, а аранжманот го направи брат ми Златко Миладинов. Всушност, Тоде остави аманет „Песна за Свети Наум Охридски“ да биде изведена токму на овој фестивал, а како што ми откри, ја создал поттикнат од легендата за вечното почивалиште на светецот, односно дека доколку ја ставиме главата на неговиот гроб ќе го слушнеме неговото срце како чука – ни раскажа Миладинов.
Овојпат жирито имаше навистина тешка задача, а и публиката. На Благица Павловска фестивалскиот совет ѝ додели плакета за долгогодишна успешна соработка со фестивалот, која ѝ ја врачи уметничкиот директор Љупчо Соколовски.
– Целиот мој живот за мене музиката е љубов, а за мене и за сите нас Охридското Езеро е божји дар. Ова е најубав град и најубавое езеро во светот. Со големо задоволство сум тука секогаш кога сум поканета. Ги поздравувам ситемои колеги кои со голем труд и љубов , исто како мене, жиивеат од и за музиката – рече Павлосвка.
Во паузата кога жирито одлучуваше за наградите, таа испеа некои од нејзините најголеми хитови.
А еве ги и имињата на оние кои од фестивалската сцена си заминаа со награди.
Благоја Грујовски го освои срцето на публиката на „Охрид Фест – Охридски трубадури 2024“, со песната на маестро Григор Копров „Ноќва Охрид не спие“.
Второто место од публиката го освои Драган Николовски Даце со песната „Катанче“ , чиј текст што го напиша Анита Даева, исто така беше награден.
Третонаграден од публиката е Влатко Миладинов, кој ја отпеа „Песна за Свети Наум“.
Според одлуката на жирито првото место ѝ припадна на Ленче Кукиќ за песната „Добри ангели“, која ја доби и наградата од акредитираните новинари. Второто место го освои групата „Биоритам“ за „Засекогаш твој“, а трета е Благица Павловска, која ја испеа „Химна на љубовта“.
Најдобар дебитант е Катерина Ристова, а награда за најдобар аранжман доби Дејан Георгиевски Ѕене. Наградата за најдобра интерпретација му припадна на Горан Кукиќ, за најтрубадурска песна е прогласена „Ќе ти дарам еден цвет“, што ја отпеа Нино Величковски, а награда „Долни Сарај“ ѝ припадна на Катерина Танева, додека наградата „Аце Ангелески“ ѝ припадна на Анета Арсовска.
Фетсивалот и годинава го водеше Ирена Спировска.
Вечерва ќе се одржи Интернационалната вечер, со многу гости од регионот.