По шести пат на сцената на ЦК „Марко Цепенков“ во Прилеп синоќа се одржа „Прилеп фест 2022“, фестивал на македонската авторска народна музика. И овој пат во полната сала, во присуство на многубројните љубители на убавиот македонски мелос, се слушнаа 19 нови композиции создавани во духот на македонската музичка традиција. Македонската фолк ризница е збогатена со нови песни испеани од реномирани македонски имиња, песни кои ќе најдат свое место на естрадата.

И годинава фаестивалот имаше ревијален карактер. Пејачите Нино Величковски, Елена Велевска, група Фокус, Ивана Серафимовска, Зуица Лазова, Живе Мешуровски, Сања Ристеска, Група Боеми, Сања Барбика, Иван Илиев, Јордан Митев, Сани Гроздановска, Група Местро бенд, Драгица Радосављевиќ Цакана, Наум Петрески, Татјана Стефановска, Андријана Ацевска, Марјан Коцев и Сузана Гавазова го дадоа максимумот во својот настап исполнувајќи песни кои ќе останат спомени, ќе бидат рефрени од „Прилеп фест 2022“, кои се надеваме дека ќе го најдат патот до срцата на љубителите на овој вид музика. А, публиката заслужено ги награди со апалузи.

Задоволни беа и организаторите и учесниците, кои изјавија дека се врати сјајот на „Прилеп фест“.

Сепак, најголемиот апалуз беше наменет за прилепчанката Блага Петреска, на која фестивалот и ја врачи наградата за нејзиниот голем придонес во фолк музиката во земјата и за трајни вредности. Среќна, заради тоа што наградата и се врачува во нејзиниот роден град Блага Петреска не го криеше своето задоволство. Дури и за дел од медиумите запеа и зад сцената. А, на публиката и се претстави со извонредната композиција „Запеј генерацијо“.

Признание за афирмација на македонската музика во Србија и беше врачено на Драгица Радосављевиќ – Цакана, а постхумно признание му беше доделено и на Димитар Димитров – Градевец од Бугарија.

Ка.М.

Фото: Каролина Мицевска