Безистенот е најзначаен монументален профан објект во старата битолска чаршија. Изграден е во 15 век од страна на познатиот ктитор Кара Даут-паша Узунчаршили, тој претставувал покриен пазар за скапоцени производи, со три улици и 86 дуќани. Безистенот наедно претставувал и своевиден трезор, каде што во посебни делови се чувале парите од даноците од целиот румелиски вилает пред да бидат однесени во царската благајна. При изградбата се имало предвид неговата архитектура, внатрешниот распоред и употребениот цврст материјал да понудат доволно гаранција од честите пљачки и грабежи, кои во тоа време биле секојдневна појава по периферните делови на турската држава

Битолскиот безистен е една од најстарите градби од османлискиот период. Со многубројните куполи, со кои личи на тврдина, со трите внатрешни улички и со четирите големи метални порти тој е еден од најголемите покриени пазари во регионот.
Изграден е во 15 век од страна на румелискиот беглер-бег, големиот везир и познат ктитор Кара Даут-паша Узунчаршили. Иако овој објект изгледа мошне сигурно, сепак во текот на своето постоење честопати бил ограбуван и опожаруван, но сепак опстанал. Во рамките на безистенот, кој во периодот од изградбата па до 19 век честопати бил доградуван и преградуван, влегуваат голем број дуќани во кои се продавале текстил и скапоцени ткаенини. Тој наедно претставувал и своевиден трезор, каде што во посебни делови се чувале парите од даноците од целиот румелиски вилает пред да бидат однесени во царската благајна. Во 19 век во него имало вкупно 84 дуќани.
Безистенот првпат се споменува во второто вакафно име на Исак Челеби ибн Иса, посведочено во 1508 година, во кое тој наведува дека приходот од вакафските имоти во вредност од 300.000 дирхами треба да се користи за одржување на вакафските структури и да се даде на 10 отсто интерес за „богатите во заштитениот град Битола, кои живеат во зградата на производителите позната како покриен пазар“.


Безистенот го спомнуваат голем број патници – венецијанскиот амбасадор Леонардо Бернардо во 1591 година, Евлија Челеби, кој поминал низ Битола во 1661 година, Јохан Георг фон Хан и Ами Буе во 19 век и други. На 14 јули 1646 година бандата на разбојникот Тане Чарлијски го нападнала безистенот и ги ограбила парите собрани од данокот на добитокот, во вредност од 120.000 акчи.
До крајот на Втората светска војна, безистенот служи како покриена чаршија, во која се продавале галантериска стока и ткаенини. По Втората светска војна, јужната фасада е урната, а на нејзино место се подигнати нови дуќани, со што грубо е оштетена некогашната складна архитектонска целина. Денес повеќето од нив се современо опремени и се продаваат најразлични стоки. Сепак, и покрај сите внатрешни трансформации, надворешниот изглед на безистенот останал речиси непроменет. Д.Ст.


Што е безистeн?

Безистeн е пазар под покрив, покриена чаршија, а во исламската архитектура биле јавни градби, еден вид стоковни куќи, покриени чаршии во кои биле сместени занаетчиски и трговски дуќани. На Балканскиот Полуостров безистените ги донеле османлиите. Тие биле градени во поголемите чаршии и со својата големина доминирале меѓу ситните дуќани. Заради страв од пожари, кои биле главни непријатели на чаршијата, безистените биле градени од тврд материјал (камен и тули), а биле покривани со разни сводови и куполи. Надворешно покривот бил од олово, бакар и ќерамиди.
Според просторната концепција и основата, безистените може да се поделат на базиликални и поткуполни. Првите обично имале три брода, од кои средишниот бил повисок и обично поширок од бочните. Преку повисокиот дел над бочните бродови, безистенот добивал светлина. Средниот брод бил покриена улица, додека бочните бродови биле пониски и поделени на помали простори во кои биле сместени дуќаните. Сводовите на дуќаните по правило биле нормални на правецот на средниот брод, кој бил покриен со бочвест свод или со низа куполи. Д.Ст.