Македонскиот бенд „Код 369“ од Битола, познат по својата музичка посебност, која комбинира фанк, џез, рок и поп, го објави својот втор студиски албум насловен „Među zvijezdama“ („Меѓу ѕвездите“). По успешното деби „Stages of Love“, овој нов албум го потврдува нивниот статус на еден од најсвежите алтернативни рок состави во регионот.
Автор на музиката за сите песни на албумот е Даниел Митревски, кој е и продуцент на албумот, додека текстовите се на пејачката Ирена Димовска, освен за песната „Конкретно“, кој го напиша Мила Влаисављевиќ. Албумот е снимен во студиото „Atelier“, а мастерингот е на Славко Ристески, работен во студиото „Про саунд“. Визуелниот идентитет на албумот го дизајнираше Лана Ловриќ, чие уметничко решение ја следи атмосферата и пораката на албумот – патување низ емоциите и соништата.
Албумот „Među zvijezdama“ има звук кој балансира меѓу алтернативното изразување и комерцијалната прифатливост, притоа задржувајќи ја карактеристичната слобода, енергија и длабочина што обожавателите на бендот веќе ги препознаваат и ценат. Посебен фокус е ставен на синглот „Конкретно“, кој веќе наиде на одлични реакции кај публиката и критиката.
За сите љубители на музиката кои не прифаќаат компромиси и ги истражуваат границите на жанровите – „Među zvijezdama“ е албум кој не се пропушта.
Албумот досега беше достапен дигитално, а сега го има и како физичко цеде издание, кое може да се купи и онлајн.