Концертот „Кендллајт тајмлес“, кој требаше да се одржи на 22 март во Македонската филхармонија, на камерниот оркестар „Профундис“ се откажува поради трагичниот настан во Кочани што ја потресе Македонија.
– Во овие моменти на жалост и тага, нашите мисли се со семејствата на загинатите и повредените. Изразуваме искрено сочувство и длабока солидарност со сите погодени од оваа трагедија. Сите купени билети за концертот ќе бидат рефундирани. Информации за новиот датум ќе бидат објавени дополнително – информираат организаторите.
Концертот беше закажан во Македонската филхармонија. Најавен беше еден од најдобрите млади виолончелисти во светот, Петар Пејчиќ. Тој веќе е значајно име на светската класична сцена, a веќе со години го привлекува светското внимание со својата виртуозност, музикалност, неверојатна техника, сценски изглед и харизматична изведба. Toj е награден на неколку престижни меѓународни натпревари, вклучувајќи го Вториот меѓународен натпревар на кралицата Елизабета, и е дел од програмите на престижни академии и фондации.
Камерниот оркестар „Профундис“ е формиран во 2019 година под раководство на диригентката Ѓурѓица Дашиќ. Од своето основање, оркестарот постави високи стандарди за изведувачка квалитет и креативност во музичката сцена, собирајќи најистакнати македонски инструменталисти од различни генерации.