Трендовите за уредување станови доаѓаат и си одат, но она што останува е желбата просторот во кој поминуваме поголем дел од нашето време да изгледа пријатно, хармонично и безвременски. Тој ефект, велат експертите, започнува токму од ѕидот – поточно од бојата што ја избирате. Дизајнерката на ентериер Вијанка Сото објаснува дека дневната соба треба да изгледа удобно, а основата на секој стил е соодветната заднина, која лесно се приспособува на промените.
– Секогаш избирам бои што даваат чувство на софистицирана заднина – оние што добро функционираат и со природна и со вештачка светлина и каде што сите текстури изгледаат добро. Сакате простор што е хармоничен – вели таа.
Изборот на боја за ѕидовите на дневната соба е прашање на личен вкус, но триковите се многу корисни. Дизајнерот Али Милк предлага да започнете со тоа што ќе се запрашате каква е природната светлина во собата и каква атмосфера сакате да постигнете. Доколку собата има многу дневна светлина, потемната нијанса може да биде многу ефикасно решение, а нема да го задуши просторот. Од друга страна, соба со помалку светлина може да изгледа уште поинтимно доколку боите одговараат на тој амбиент. Нијанси што го издржаа тестот на сите времиња и стилови се – неутрални тонови, но не какви било. Наместо класично ладно бело, експертите сѐ повеќе избираат понежни кремасти нијанси, кои на просторот му даваат топлина и длабочина.
Ѕидовите во овие тонови изгледаат чисто и свежо, а кога ќе ги усогласите со природно дрво, камен и текстилни детали – добивате топлина и личен допир, без потреба од светли бои. Обидете се да замислите топла и светла боја што потсетува на млеко во вашето утринско кафе.
Топлото бело не е единствениот избор за дневната соба, се разбира, но погрижете се нијансата на ѕидот да биде рамка што ќе го истакне сето она што го сакате во вашиот дом – без разлика дали се работи за слика што сте ја наследиле, мек килим или тросед во ретростил. Добрата нијанса на боја не треба да доминира, туку дозволува сите други елементи на дизајнот да блеснат.