Годишна изложба на основните училишта

Годишната изложба на основните училишта „Беди и јас“ ќе биде отворена утре, во 13 часот, во „Чифте-амам“. Оваа изложба со години има посебен пристап на учење, при што учениците се директно вклучени во креативниот процес. Тие учат за нашите најголеми македонски автори, по што се познати и која е нивната автентичност. Творештвото на Ибрахим Беди беше одлична можност и нов предизвик за учениците. Во рамките на проектот, учениците имаа можност да го запознаат авторот лично и да поминат повеќе време заедно. Беа организирани и работилници, кои беа под менторство и во соработка со тимот едукатори, визуелни уметници, како и музичари од Универзитетот „Фонтис“ од Холандија.
– Динамичното време во кое живееме сè повеќе бара поврзување на теоријата што се учи со праксата, за знаењата да бидат лесно прифатени и како такви – трајни. Така, ако сакаме да ги образуваме најмладите во ликовната област, праксата треба да се поврзува со теоријата низ сите сегменти од воспитно-образовниот процес. Учеството во креативните работилници е одлична можност за таков тип поврзување, а сето тоа да биде забавно за децата. Крајниот резултат секогаш е среќни и задоволни деца, кои имаат научено нова вештина. На таков начин тие се образуваат за уметноста и за уметникот воопшто. Децата помнат многу за она што го доживуваат во детството и тоа влијае во голема мера врз односот кон себе и кон другите. Посетата на галеријата и создавањето уметност е едно од таквите сеќавања. Убаво е чувството кога знаеме дека креираме весели спомени за нив – велат од НГМ.
Училишта што учествуваа се: „Никола Вапцаров“, „Лазо Ангеловски“, „Ј.Х. Песталоци“, „Кочо Рацин“, „Панајот Гиновски“, „26 Јули“, „Ѓорѓија Пулевски“, „Киро Глигоров“, „Невена Георгиева-Дуња“, „Кирил и Методиј“, сите од Скопје. Изложбата ќе биде поставена до 21 ноември. Едукаторка е Маја Димитрова.