Проектот претставува спој на високо изведувачко ниво и културна мисија – да се зачува и пренесе балканската музичка традиција преку современ камерно-музички пристап
Во рамките на Велешкото културно лето, љубителите на класичната и етномузиката имаа ретка можност да уживаат во концертот „Балканско патување“ – уникатен проект на „Пламенка Трајковска гудачкиот квартет“. Концертот се одржа во паркот на ООУ,,Васил Главинов“. На концертот, покрај Пламенка Трајковска, настапија и Милена Гиевска-Андоновска на виолина, Љубица Бошкоска на виола и Александра Јаневска на виолончело.
„Балканско патување“ е музички проект што веќе доби внимание на фестивали во регионот, градејќи богата концертна историја со секое ново издание. Проектот претставува спој на високо изведувачко ниво и културна мисија – да се зачува и пренесе балканската музичка традиција преку современ камерно-музички пристап. Програмата понуди нов музички поглед кон балканското културно наследство, преку внимателно избрани аранжмани за гудачки состав, кои ја оживуваат душата на традиционалните мелодии од: Македонија, Србија, Бугарија, Грција, Албанија, Црна Гора и Босна и Херцеговина. Секое дело има своја приказна – звучно и визуелно патување низ регионот, со спој на фолклорна сила и камерна елеганција.
По настапите во Софија и на престижниот фестивал „Солеил“ во Созопол во Бугарија, концертот на фестивалот „Есенски музички свечености“ во Скопје и концертот на „Илинденски денови“ во Битола, „Балканско патување“ пристигна и пред велешката публика. Првиот сингл од албумот „Балканско патување“ – „Балканска песна бр.11“, работена на македонската песна „Билјана платно белеше“, е веќе достапен на Спотифај, Ајтјунс и другите најголеми онлајн платформи. Видеозаписот ќе биде промовиран на 2 август, по повод празникот Илинден.
Концертот се реализира со поддршка од Општина Велес, во рамките на програмата на Велешкото културно лето.