Фото: Пиксабеј

Здрава храна

Овој пијалак можете да го купите или да го направите сами, одличен е за сите што имаат нетолеранција на лактоза, а често се користи во диети. Бадемовото млеко условно може да се нарече млеко, бидејќи тоа е растителен пијалак што се добива од бадеми. Тоа е одлична замена за кравјото млеко, нутритивно е вредно и се препорачува во здрава и урамнотежена исхрана.
Бадемовото млеко може да се купи веќе приготвено, а можете и сами да го приготвите дома. Покрај оризовото, соиното, овесното и хељдиното млеко (односно пијалак), бадемовото е дефинитивно највкусното и најбогато со состојки. Се препорачува за сите што имаат нетолеранција на лактоза, како и за луѓе што се на посебни режими на исхрана (диети за слабеење, медицински диети и религиозен пост).
Бадемот не е алерген како кикиритките, па може во облик на пијалак да го користат и лица што се чувствителни на одредени ореви. Јаткастите плодови имаат дејство да се борат против холестеролот, па тоа важи и за бадемовото млеко. Овој интересен пијалак не содржи заситени масни киселини, ниту холестерол, а поради основната состојка има малку омега-3 масни киселини. Не содржи глутен, ниту лактоза, ниту казеин, кој кај чувствителни лица може да создаде проблеми при варењето. Тоа е вистински пријател на срцето и крвните садови. Содржи витамини Б6 и Е, минерали манган, селен, калциум, магнезиум, калиум, железо, цинк и фосфор. Во својот состав содржи и малку влакна, како и флавоноиди и фитохемикалии, кои се одлични против современите болести на крвотокот и различни видови на карциноми.