Се навршуваат 85 години од смртта на Зигмунд Фројд
„Големото прашање на кое никогаш не е одговорено и на кое не можев да одговорам, и покрај моето триесетгодишно истражување на женската душа, е: што сака жената“; „Кучињата ги сакаат своите пријатели и ги гризат своите непријатели, сосема за разлика од луѓето, кои не се способни за чиста љубов и кои секогаш ја мешаат љубовта со омразата“; „Повеќето луѓе не сакаат слобода, бидејќи слободата значи одговорност. Повеќето луѓе се преплашени од одговорност“…
Ова се само некои од мудрите мисли на Зигмунд Фројд (1856-1939), австриски лекар и психолог, кој ги шокира своите современици, но го промени начинот на кој размислуваме за себе. Психолошките термини што ги воведе – ид, его, суперего и Едипов комплекс – денес ги користиме секој ден. Тој е основач на психоанализата. Тешко е да се замисли колку неговите теории им изгледале нереално на неговите современици, бидејќи и денес тој не престанува да нѐ воодушевува со своите идеи.
Фројд бил научник, основач на психоанализата, лекар за нервни болести, професор по нервна патологија на Универзитетот во Виена. Во 1938 година емигрирал пред нацистите во Лондон. Тој објавил голем број дела и психоаналитички студии со медицинска, психотерапевтска и филозофска вредност, кои се преведени на сите светски јазици и продадени во милионски тиражи. На денешен ден, 23 септември, пред 85 години тој починал во Лондон, каде што ги поминал последните години од својот живот, бегајќи од нацистичкиот режим во Австрија.