Да се види не значи да се верува кога станува збор за темната материја. Научниците ги воодушевија набљудувачите на ѕвездите откако открија голем темен објект во вселената, кој е сосема невидлив со голо око. Тие го обелоденија своето откритие во импресивно истражување објавено во списанието „Нејчр астрономи“.
Загадочната темна материја, која сè уште нема име, наводно има милион пати поголема маса од Сонцето, но не емитира светлина. Оваа меѓугалактичка слепа точка се наоѓа, наводно, повеќе од 10 милијарди светлосни години далеку, така што ја набљудуваме, во фактичко време, кога Земјата била стара само 6,5 милијарди години, што е помалку од половина од сегашната старост на планетата. Бидејќи темната материја не можела да се види, истражувачите морале да ја набљудуваат преку гравитациска леќа, при што светлината од далечен објект се искривува и свртува од гравитацијата на споменатиот темен ентитет.
– Потрагата по темни објекти, кои изгледа не емитуваат светлина, е очигледно предизвикувачка – вели главниот автор Девон Пауел од Институтот за астрофизика „Макс Планк“ во Гаринг, Германија.
Бидејќи не можеме да ги видиме директно, наместо тоа користиме многу оддалечени галаксии како заднинско осветлување за да ги бараме нивните гравитациски отпечатоци. За да открие повеќе за споменатиот мистериозен објект, тимот се потпираше на мрежа од телескопи низ светот. Потоа тие ги корелираа добиените податоци за да создадат „супертелескоп со големина на Земјата“, како што го опишаа истражувачите. Исто така, тие морале да развијат напредни компјутерски алгоритми, па дури и да користат суперкомпјутери за да обработуваат огромни збирки на податоци. Нивната анализа се исплатела.
– Од првата слика со висока резолуција, веднаш забележавме стеснување на гравитацискиот лак, што беше знак дека наидовме на нешто – објаснува Џон Мекин од Универзитетот во Гронинген, Холандија, кој го предводеше собирањето на податоците.
            

































