Во последните десетина години кога ќе излезам оддома, првата средба ја имам со кучињата скитници од градот. И најчесто кога шетам прво посетувам некоја месарница или пекарница за да ги снабдам со доволно храна моите улични пријателчиња, а потоа продолжувам со моите семејни обврски и пиење утринско кафе со пријателите, вели Лена
Без никаков интерес, Асан Лена од Кичево со години храни и одржува во живот голем број улични кучиња во градот. Тој не само што ги храни тие кучиња туку често и се дружи со нив. Кога ќе го забележат на улица тие трчајќи и мавтајќи со опашките му приоѓаат и го милуваат, а тој им возвраќа на ист начин. Тој вели дека е многу среќен и задоволен што кучињата во него гледаат спасител и близок пријател.
– Во последните десетина години кога ќе излезам оддома, првата средба ја имам со кучињата скитници од градот. И најчесто кога шетам прво посетувам некоја месарница или пекарница за да ги снабдам со доволно храна моите улични пријателчиња, а потоа продолжувам со моите семејни обврски и пиење утринско кафе со пријателите. Низ годините толку сум се сродил со нив, што тие секојдневно ми го разубавуваат животот. Толку ме засакаа што мислат дека не можат без мене, како и ја без нив, а така ќе биде до крајот на мојот живот -вели Лена.
Поради својата скромност никогаш не се пожалил дека оваа дружба чини пари.
– Да бидам искрен, никогаш не сум помислувал да се пожалам од моите улични пријатели или да потенцирам дека дружбата со кучињата скитници чини пари. И покрај тоа, не се жалам и ветувам дека и наредните години ќе ме среќавате на улица и ќе ме гледате како ги хранам и како ги галам. Мене оваа дружба ми е уживање и секој што би бил на мое место би ги почувствувал истите благодати – додава хуманиот Лена, омилен помеѓу кучињата скитници во целиот град, кого, како што се шегува на крајот, тие го сметаат не само за свој најблизок пријател туку и нешто како роднина.
Граѓаните истакнуваат дека е тоа хуман чин на Асан Лена, но ред е како што прилега градот да добие стационар за кучиња скитници и тие да бидат постојано згрижени. З.А.