ШТО НАПИШАЛ АНТИЧКИОТ ФИЛОЗОФ
Според старогрчкиот филозоф Аристотел, љубовта не е интензивна страст или еднократно прикажување чувства, туку постојана посветеност на помагање на саканото лице да стане најдобрата верзија од себе, преку секојдневна грижа во заедничкиот живот.
Аристотел (384–322 пр. н.е.) пишувал за љубовта и пријателството во својата „Никомахејска етика“, еден од највлијателните филозофски текстови за среќата и моралниот живот. Тој поаѓал од идејата дека луѓето се социјални суштества, кои мора да живеат во заедница и да се стремат кон општото добро, и верувал дека тие се природно склони да создаваат партнерски односи и да го делат животот со други. Во тој процес, според него, еднакво е важно да научите да се сакате себеси, како и другите.
Аристотел верувал дека љубовта кон другиот всушност започнува со љубов кон себе, но не во смисла на нарцизам. Да сакаш некого значи да се однесуваш кон тоа лице како кон своето „друго јас“. Тој процес, според неговото разбирање, вклучува пет клучни елементи.
Прво, љубовта кон себе значи да се сака сопственото добро, а истото тоа треба да се посакува и за саканото лице. Второ, треба да се грижите за безбедноста и благосостојбата на вашиот партнер колку и за вашата. Трето, љубовта вклучува уживање во сопственото друштво, но и желба за споделување време, интереси, планови и спомени со партнерот. Четврто, желбите треба да бидат рационални и насочени кон „благороден живот“, исполнет со доблести, разум и квалитетни врски. Петто, љубовта подразбира отворено споделување на радоста и болката. Да сакате значи да сочувствувате со чувствата на вашиот партнер како да се ваши.
Аристотел тврдел дека љубовта произлегува од чувството на припадност, но не во смисла на сопственост. Кога некој ќе каже дека саканото лице „му припаѓа“, тоа не значи контрола или поседување, туку споделен живот и меѓусебна поврзаност.
Филозофот ги набљудувал и љубовните партнери како пријатели, но не какви било пријатели, туку такви што се перципираат еден со друг како своја половина, а таквиот однос вклучува меѓусебна поддршка, разбирање и грижа. Тој верувал дека луѓето треба да се прашаат дали нивниот партнер не се грижи за нивните чувства и потреби толку колку за своите, без оглед на големите романтични гестови.
За Аристотел, љубовта е вештина што бара постојан напор. Лицето што сака се стреми да стане подобро поради лицето што го сака и обратно, со што се поттикнува заедничкиот раст. Подароците и романтичните гестови може да ве направат среќни, но тие не се доказ за љубов. Вистинската љубов, верувал тој, се гради низ времето и секојдневните постапки. Како што напишал, „една ластовичка не ја прави пролетта“, исто како што ни една романтична вечер не може да ја докаже длабочината на љубовта.

































