Двајца архитекти, основачи на модерни дизајнерски бироа во Кина и Америка, се именувани на листата на 100 највлијателни луѓе. На престижната листа на 100 највлијателни луѓе во светот за оваа година составена од американскиот „Тајм“ се наоѓаат и двајца архитекти. Тоа се Ма Јансонг, архитект од Кина, и неговата колешка од Америка, Германка по потекло, Анабел Селдорф. Така, кругот на „луѓе што го потресуваат светот“, како што пишува ова списание, вклучува истакнати дизајнери на најмодерните згради во Кина и САД.
Поделена во шест категории, листата, која вклучува и познати личности како Доналд Трамп, основачот на „Тесла“, Елон Маск, основачот на Фејсбук, Марк Закерберг, и раперот Снуп Дог, го вклучи Ма Јансонг во категоријата „иноватори“ како основач на познатото архитектонско студио „МАД архитектс“, кое е со седиште во Пекинг и има канцеларии во Рим и Лос Анџелес, а чие мото е „Од Пекинг до светот“. Во својата досегашна кариера, тој дизајнирал шеесет значајни згради во Кина, вклучувајќи ги оперската куќа „Харбин“, железничката станица „Џиаксинг“, градинки и библиотеки како што е големата читалница…
Неговата германска колешка Анабел Селдорф, која го води студиото „Селдорф архитекти“ со седиште во Њујорк, беше вклучена на листата во категоријата „уметници“. Таа е позната по нејзините неодамна завршени два облакодера обложени со порцелан во Бруклин и по филијалата на меѓународната уметничка галерија „Хаузер и Вирт“ во истата американска метропола, која ја дизајнираше со своите колеги. Нејзините значајни дела вклучуваат реконструкции на познати светски галерии, како што се галеријата „Фрик“ во Њујорк и националната галерија „Сејнсбери“ во Лондон, која исто така се отвора сега. Познатата американска фотографка Ени Лајбовиц зборуваше за Селдорф, која верува дека создала „чувствителни простори“ низ кои многу луѓе можат лесно да се движат.