Апостол Петков

Зарем Македонецот не е човек да живее слободно? Зарем Македонецот не е слободен да го дише чистиот воздух, како што се радуваат слободните народи? Македонецот веќе е уверен дека сѐ дури се наоѓа под Турчинот, ништо сигурно нема за него: тој не е сигурен за својот живот, не е сигурен за своите мили и драги дечиња, за честа на жената и своите ќерки, за својот имот итн. Таа несигурност го натера Македонецот да го земе оружјето в раце и да се бори со Турчинот. Тој не жали зашто ќе умира од куршумите на непријателот и е подготвен да го прави тоа, сè до денот на неговото ослободување, се наведува во писмо на Апостол Петков до солунските конзули

Знаменитостите на Македонија

Апостол Петков е легендарен војвода на ТМОРО, кого населението го нарекло „Ениџевардарско сонце“. Американскиот публицист Алберт Сониксен го именува А. Петков како „македонски Робин Худ“, а Фрдерик Ковач го квалификува за „некрунисан крал на вардарските мочуришта“. За грчката писателка Пинелопи Делта, Апостол бил „невидливиот демон што се чувствува насекаде, но не се гледа никаде“. Според Сониксен, портретот на Петков висел во секоја крчма во Бугарија. Името на Апостол Петков се среќава во весниците во Австрија, Нов Зеланд, Тасманија и САД. Во 1944 година портретот на Апостол Петков се најде во рубриката Верувал или не! на еден локален американски весник. Таму за него пишува: „Апостол Петков – човекот што беше платен да се преправа дека е мртов. Познат македонски четник, кој со свои раце уби 2.400 Турци. Тој бил толку проблематичен, што турскиот султан му плаќал 30.000 долари за да се преправа дека е мртов.

Војвода на Македонската револуционерна организација (МРО)

Апостол Петков е роден на 6 мај 1869 година во с. Бојмица во областа Бојмија, денес во егејскиот дел на Гевгелиско. Потекнува од родот на Терзиевци. Неговиот постар брат Митре бил ајдутин, а брат му Тано и братучед му Андон загинале како комити. Апостол, кој бил неписмен, како младинец работел како кантонер на железничката линија Солун–Скопје. Во 1892 година ја напуштил работата и се одметнал. Од тогаш до почетокот на 1897 година крстосувал како ајдутин по Пајак Планина, дружејќи со Иван Карасулијата. Додека Апостол ајдукувал, во 1896 година, неколкумина од неговото семејство станале членови на месниот комитет на ТМОРО во Бојмица.
Во 1897 година, Даме Груев се запознал со Апостол Петков и со Иван Карасулијата и ги поканил да ѝ се приклучат кон организацијата како членови на тајната полиција. Тие биле покрстени од попот Стамат во Солун. Во октомври 1897 година, по препорака од ЦК во Солун, и со залагање на Аргир Манасиев од Гевгелија, Апостол Петков и Иван Карасулијата ја формирале првата чета на ТМОРО во Солунскиот револуционерен округ.
Во 1897/1898 година четата се движела низ областа Бојмија, по Пајак Планина, Гевгелиско, Дојранско и Ениџевардарско, ликвидирајќи насилници и разбојнички банди. Во октомври 1898 година, И. Карасулијата и А. Петков го киднапирале Туран-бег, за чие ослободување добиле 2.000 турски лири, но во касата на ТМОРО предале само 400 лири. Поради тоа, ЦК во Солун размислувал за нивно казнување со смрт, но по залагање на Аргир Манасиев не дошло до тоа. Превоспитувањето на Апостол Петков и на Карасулијата му било препуштено на Михаил Апостолов-Попето. За враќање на довербата, ЦК им наложил на Апостол Петков и Иван Карасулијата да го ликвидираат лекарот Димитриос Кивериндис, кој бил главен организатор на грчката пропаганда во Гевгелиско. Атентатот врз Кивериндис бил извршен на 3 декември 1898 година. Заради подобра контрола врз Апостол и Карасулијата, ЦК на ТМОРО ја поделил четата на два дела, при што Карасулијата станал војвода во Гевгелиско, а Апостол во Ениџевардарско.
На 9 март 1903 година, по предавство од страна на гркоманите од с. Крива, четата на Апостол била опколена во Бојмица. Според хетографираниот весник на ТМОРО „Слобода или смрт“, на турскиот повик да се предаде, Апостол одговорил: „Секој од нас има по 300 патрони, од кои по еден ќе зачуваме за себе, а другите куршуми ќе ги испратиме подарок за вас“, по што започнала престрелка, која траела цел ден. При овој судир четата имала четворица мртви, меѓу кои и Тано, братот на Апостол, како и двајца ранети, а од страна на Турците загинале двајца жандарми.

Илинденско востание

Во средината на јули 1903 година здружените чети на Апостол Петков, Крсто Асенов и Трајко Јотов се судриле со турските војски кај с. Постол. При овој судир Турците имале четворица убиени и двајца ранети, а од четите загинале двајца комити. На Илинден 1903, Апостол Петков и Крсто Асенов во с. Корнишор ги осветиле востаничките знамиња на двете чети. Тогаш К. Асенов се венчал со Ана Малешевска. Венчавката на Асенов била погрешно протолкувана, поради што тој бил убиен на подмолен начин. Поради тоа, наместо на втори спроти трети август, демонстративниот напад на Гуменџе, Апостол Петков го извел на 9 август 1903 година, а тоа пак предизвикало репресија од страна на власта врз цивилното население. Следниот ден Апостол го нападнал турскиот гарнизон во с. Крива. На 9 септември Апостол се судрил со турските војски кај с. Рамна. На 25 септември Апостол Петков и Иван Карасулијата се судриле со турските војски кај врвот Гандач, при што извојувале огромна победа. На 12 декември 1903, Апостол Петков и Аргир Манасиев биле опколени од турска војска кај с. Горгопик, близу Гуменџе. Од овој судир, четите се извлекле без загуби, а од страна на Турците имало 12 убиени и ранети.
Апостол Петков зимата 1903/1904 година останал во регионот за да го заштитува населението и да го одржува духот на организацијата. За време на велигденските празници во 1904 година Ениџевардарско го посетил Даме Груев и заедно го обиколувале регионот неколку дена. Тогаш Апостол околу себе држел стотина вооружени лица, но по сугестија од Груев, повеќето од нив биле распуштени. Летото 1904, во регионот на Апостол, дваесетина дена престојувал и Ѓорче Петров. Присуството на Д. Груев и Ѓ. Петров било во функција на придобивање приврзаници за своите концепции во поглед на претстојното преуредување на организацијата. При крајот на 1904 г., Апостол Петков, заедно со Андон Ќосето, Лука Иванов и Тодор Серменински, се јавува како потписник на едно писмо против задграничните претставници Христо Матов и Христо Татарчев, кои поради своето политикантство отстапиле од принципите на организацијата, поради што им искажале недоверба и ги прогласиле за „опасни непријатели на организацијата“.

Битката кај Смол

На 28 февруари 1905 година Апостол Петков со 24 четници ја минал бугарско-турската граница кај Ќустендил и заминал кон Ениџевардарско. По пат му се придружил Сава Михајлов со својата чета. Здружените чети имале 42 лица. Уште од Струмичко, Апостол и Сава биле предупредени да не минуваат низ Гевгелиско, бидејќи имало големо раздвижување на војските, туку преку Дојранско да заминат кон Кукушко и од таму кон Ениџевардарско. Апостол Петков ги игнорирал предупредувањата и продолжил во правец на Мачуково (сега: Евзони, Грција) и понатаму кон с. Смол (сега: Микрос Дасос, Грција). Кај Смол биле пресретнати и нападнати од силна османска потера, која набрзо добила засилување од Гевгелија од околу 300 лица, меѓу кои имало и коњица. За време на судирот Сава Михајлов зазел позиција во месноста Рудина Чука, а Апостол Петков во месноста Бачево.
Ударната сила од турските сили прво била насочена кон четата на Сава Михајлов. Таа била ликвидирана до пладне, при што загинал и војводата. Веднаш потоа сета османска сила била насочена кон четата на Апостол, која била уништена да вечерта. Од таму се извлекле само Апостол Петков, кој бил ранет во ногата, и двајца четници. Според изворите, кај Смол загинале 40-42 комити, а од турска страна имало тројца мртви и 13 ранети. Битката кај Смол, која се одиграла на 14 март 1905 година, ја надгледувал рускиот капетан Флоров. Тој по два дена го посетил местото на настанот, каде што сè уште стоеле телата на убиените, при што бил згрозен од глетката на масакрираните тела. Флоров за настанот испратил опширен извештај до генерал-мајор Шостак. На местото на битката османлиските власти ја нашле чантата на Апостол Петков, во која имало повеќе примероци од неговиот портрет и разни документи.
Пронајдената чанта на Апостол ги натерала сите да поверуваат дека тој загинал. Веста за наводното убиство на Апостол брзо се прошириле меѓу дипломатскиот кор во Солун, а по неколку дена, таа вест била пренесена во „Њујорк тајмс“. Но, откако Апостол повторно почнал да дејствува во својот препознатлив стил, дипломатските претставници што верувале дека тој е мртов ја пласирале фамата дека се појавил псевдо Апостол, кој ги користел името и тактиките на вистинскиот Апостол, за да го одржува духот на населението.

Хуриет

По прогласувањето на Османлиското Царство од апсолутистичка во уставна монархија, Апостол Петков со својата чета влегол во Ениџе Вардар, каде што за кратко го суспендирал кајмакамот и ја зел власта во градот. По интервенција на Младотурскиот комитет од Солун и на поединци од Внатрешната организација, Апостол се откажал од намерата да „владее со Ениџевардарската каза“ и заминал за Солун. Бранислав Нушиќ за заминувањето на Апостол за Солун соопштува: „Денес од Ениџе Вардар ќе стигне војводата Апостол. Тој му порачал на Младотурскиот комитет, за него и за неговата чета да испратат коњи, па денес свечено на коњ да влезе во Солун“. Грчкиот весник „Емброс“ за заминувањето на Апостол за Солун пишува: „За капетанот Апостол пренесуваат дека слегува во Солун за да седне на престолот и да управува со Македонија. А капетанот Апостол при неговото заминување за Солун навистина побарал за неговиот прием, освен коњи, да има и артилерија“. По враќањето во Ениџе Вардар, Апостол дејствувал како неформален водач на конституционите клубови. По промената на политиката на младотурците, во средината на 1909 година, Апостол Петков го напуштил Ениџе Вардар и заминал за Бугарија.
Летото 1910 година Апостол Петков се вратил во Ениџевардарско за да го обнови револуционерното четништво, но бидејќи не наишол на добар прием кај населението и поради прогонот од власта, бил принуден да се врати во Бугарија. Летото 1911 година Апостол Петков повторно се вратил во Ениџевардарско со намера да го обнови четништвото. На 2 август 1911 година Апостол Петков, Георги Мучитано и Васил Пуфката биле убиени од турските војски кај Крушари, Ениџевардарско, под мистериозни околности. За убиството на Апостол Петков постојат разни варијанти и претпоставки, а најчесто како предавник се споменува неговиот близок соработник Тодор Чифтев. Историската наука сѐ уште не може да даде конечен одговор за мотивот за ова убиство. Д.Ст.