Оваа турнеја има цел да го претстави и да го промовира богатото културно наследство пред пошироката публика во регионот, зацврстувајќи ги културните врски и пријателства меѓу народите.

Националната установа ансамбл за народни игри и песни „Танец“, со гордост најавува голема балканска турнеја. Оваа турнеја претставува исклучителна можност за публиката низ регионот да ги доживее богатството и убавината на македонскиот фолклор преку врвните изведби на нашите уметници.

Турнејата насловена „Ритамот на душата-бојата на традицијата“ ќе опфати повеќе градови во соседните земји.

На 24 септември, со почеток од 19.30 ч., ќе настапи во културниот центар „Матија Петар Катанчиќ“, Валпово, Република Хрватска. На 26 септември, со почеток од 19 ч., во „Прешерново гледалишче“, Крањ, Република Словенија. На 28 септември, во 19 ч., во Концертната сала во Виена, Република Австрија, а последниот настап е закажан за 30 септември, со почеток од 19 ч., во домот на културата „Лакташи“, Лакташи, Босна и Херцеговина.

Публиката ќе има можност да ужива во внимателно избрана програма, која вклучува дел од најпознатите и најавтентични македонски народни ора и песни, како и некои од поновите кореографии, кои сведочат за постојаниот развој на ансамблот.

„Танец“ повеќе од седум децении е амбасадор на македонската култура низ светот, а оваа турнеја е уште еден чекор во мисијата за негување и промоција на нашето културно наследство. Со своите впечатливи костими и автентична музика, „Танец“ носи парче од македонската душа на секоја сцена.

Оваа турнеја има цел да го претстави и да го промовира богатото културно наследство пред пошироката публика во регионот, зацврстувајќи ги културните врски и пријателства меѓу народите.

Настапите на „Танец“ ќе бидат вистински празник за очите и душата, публиката ќе има можност да ужива во безвременските ритми и движења на „Копачка“, „Мијачка“, „Солунка“ и многу други, изведени со автентични носии и исклучителна енергија.
– Оваа турнеја е повеќе од обични настапи; таа е културна мисија и со истата таа ќе покажеме дека нашата традиција и уметност се живи и дека можат да ги обединат луѓето преку убавината на музиката и играта – истакнуваат од „Танец“.

Националниот ансамбл за народни игри и песни „Танец“ е основан во 1949 година и претставува еден од најзначајните чувари на македонското културно богатство. Со своите 76 години постоење, „Танец“ има настапувано на најпрестижните светски сцени, добивајќи признанија за својата уметничка изведба и за зачувување на традицијата. Нивната мисија е да ја негуваат и да ја промовираат македонската народна култура низ целиот свет.