Стартап-компанија за фузиска енергија тврди дека пронашла начин да ја претвори живата во злато. Како што пишува „Фајненшл тајмс“, „Маратон фјужн“ со седиште во Сан Франциско наведува дека истиот процес што еден ден би можел да обезбеди неограничен извор на чиста енергија може да се користи за буквална алхемија. Според трудот што сè уште не е рецензиран од колеги, нуклеарната трансмутација – процесот со кој еден елемент или изотоп се трансформира во друг со отстранување протон од неговото јадро – би можел да се користи за синтетизирање на златните честички.
– Изгледа одлично на хартија и сите со кои разговарав досега за тоа сè уште се заинтригирани и возбудени – изјави за „Фајненшл тајмс“ Ахмед Диало, физичар во Министерството за енергетика на САД, кој ја прегледал студијата.
Во последните три години, „Маратон фјужн“ собра речиси шест милиони долари од приватни инвеститори и четири милиони долари во владини грантови, фокусирајќи се на зголемување на ефикасноста на фузиските системи. Сепак, концептот за имитирање на условите на јадрото на Сонцето за производство на нето-позитивно количество енергија сè уште е многу тешко да се постигне, и покрај децениите истражување. Научниците штотуку почнуваат да ја достигнуваат точката каде што фузиските реактори произведуваат повеќе енергија отколку што е потребно за да ги одржат, а дополнителен предизвик е скалирањето на тие системи, со оглед на тешкотијата во контролирањето на екстремно енергичната и нестабилна плазма во високосложените реактори.
Порано оваа година, „Маратон фјужн“ го насочи своето внимание кон нуклеарната трансмутација, предлагајќи да се воведе изотоп на жива – Hg-198 – во фузиски реактор за да се претвори во Hg-197. Ова се прави со класични фузиски горива, како што се литиумските и водородните изотопи. Но овој пат се појавува интересен нуспроизвод: Hg-197 е нестабилен изотоп што спонтано се распаѓа во злато-197 – стабилната форма на злато.
Иако процесот сè уште не е докажан, раководителите на стартапот веќе размислуваат за огромни приходи – дури 5.000 килограми злато би можеле да се произведуваат годишно по гигават произведена електрична енергија – и тоа без да се намали вкупното производство на електрична енергија. Секако, работите не се толку едноставни. Некои други изотопи на злато произведени за време на процесот би можеле да бидат радиоактивни, што значи дека златните прачки би требало да се складираат дури од 14 до 18 години пред да бидат безбедни за употреба. Затоа амбициите на Рутковски и Шилер да се збогатат од производството на злато сè уште се повеќе идеи отколку реалност.