Знаменитостите на Македонија
Ликовниот гениј од Битола може да ја ревидира современата македонска ликовна уметност. Во минатото се веруваше дека македонската современа ликовна уметност започнува во 30-тите години на 20 век со делата на Никола Мартиноски и Лазар Личеноски, но делата на Александар Ѓаконов се потврда дека современата македонска ликовна уметност има своја предисторија и генеза од крајот на 19 век
Александар Ѓаконов е ликовен гениј чии дела беа откриени од битолскиот графички уметник Владо Ѓорески-Рафик. Делата на Ѓаконов беа откри во депото на битолскиот НУ Завод музеј – Битола. Оваа национална институција подолг период откупувала цртежи за кои се констатираше дека еден дел од нив му припаѓаат на Александар Ѓаконов. Споменатиот уметник творел кон крајот на 19 век и почетокот на 20 век, но Ѓаконов беше заборавен повеќе од еден век. Графолошкото испитување на потписот на уметникот потврдило дека станува збор за Александар Ѓаконов.
Според истражувањата на Владо Ѓорески–Рафик, Александар Ѓаконов потекнувал од битолското семејство Ѓаконови, а се верува дека македонскиот композитор Драган Ѓаконовски–Шпато е негов потомок. Дополнително, целата генеза на ова семејство е истражувано од Владо Ѓорески–Рафик и Александар Стерјовски.
Денес во НУ Завод музеј – Битола има околу 20 дела од Александар Ѓаконов, а дел од нив се поставени во галеријата на современата уметност при битолскиот НУ Завод музеј – Битола. Според Владо Ѓорески–Рафик, откритието на ликовниот гениј од Битола може да ја ревидира современата македонска ликовна уметност. Во минатото се веруваше дека македонската современа ликовна уметност започнува во 30-тите години на 20 век со делата на Никола Мартиноски и Лазар Личеноски, но делата на Александар Ѓаконов се потврда дека современата македонска ликовна уметност има своја предисторија и генеза од крајот на 19 век. Во оваа конотација, Роберт Алаѓозовски, поранешниот македонски министер за култура, го именува Александар Ѓаконов како основач на современата ликовна уметност во Македонија.
Александар Ѓаконов при сликањето користел бидермаер-стил, поточно еден вид реализам, но разубавен и романтичен. Д.Ст.
„Портрет на господин“
„Портрет на Господин“ е слика од Александар Ѓаконов. Сликата е цртеж на хартија, завршена во 1898 година, со димензии 34 х 32 см и се наоѓа во НУ Завод музеј – Битола.
На сликата „Портрет на господин“ е претставен постар човек – господин. Косата му е побелена со долги бакенбарди. Облечен е со елегантен фрак, стилски, од крајот на 19 век. Високите јаки, однадвор темни однатре светли, се високо подигнати до ушите. Претставен е до горното попрсје – до висината на рамената. Насликан е во духот на виенското сликарство – според облеката, начинот на дотерувањето и според стилот во кои има реалистичко сликање до најситен детаљ, особено во сите црти на лицето. Господинот е горд, достоинствен и свечено замислен. Д.Ст.
„Портрет на девојка“
„Портрет на девојка“ е слика од Александар Ѓаконов. Сликата е цртеж на хартија, завршена во 1900 година, со димензии 34 х 32 см и се наоѓа во НУ Завод музеј – Битола.
На сликата „Портрет на девојка“ е претставена млада девојка. Десната рака ѝ е потпрена на долниот дел од лицето, под брадата. Косата ѝ е брановидна со внимание подготвена. На задниот дел од главата има нежна свилена шарпа. Облечена е во фустан со многу елегантни набори и малечко елече. Насликана е во духот на виенското сликарство – според облеката, начинот на дотерувањето и според стилот во кои има реалистичко сликање до најситен детаљ, особено во сите црти на лицето. Девојката е млада, благо насмевната и среќна во својата младост и привлечност. Д.Ст.