Во галеријата „Ко-Ра“ при домот на културата „Кочо Рацин“ во Скопје е отворена изложбата на дигитални слики „Алегории“ на Игор Поп Трајков, која ќе трае до недела. Како што се наведува во каталогот, делата се направени целосно со дигитална реализација или со комбинација на класичните техники (туш, акварел, темпери, водени креони, пенкало за цртање и др.) со дигитална надградба или обработка. Во некои од нив се користени и програми на вештачка интелигенција.
– Сликите оддаваат впечаток на хиперреалност или тродимензионалност. Се разгледуваат темите што традиционално се најзастапени во алегориите како изразно средство, а тоа се историјата, историјата на уметноста, политиката, антропологијата, религијата, социјалните науки. Особено провокативно, во препознатливиот стил на авторот дејствуваа сликите што даваат саркастичен коментар за правата на обесправените и иронијата дека од сето тоа се прави успешен бизнис. Во естетска смисла авторот верува во редукција, па иако многу слики дејствуваат колоритно, насликани се само со неколку бои или тертипи (во дигиталниот свет може да се слика и со тертипи), а некои се речиси монохроматски. Во поглед на композицијата, во случајот на оваа изложба Поп Трајков ја користи онаа карактеристична за класичното сликарство – со златен пресек – вели Виолета Гајзер Калиќ за изложбата.
На отварањето свое видеообраќање имаше кураторката на изложбата Џоана Пентала.
– Изложбата „Алегории“ обемно се надоврзува на стереотипите, настојувајќи да проникне во значењето зад значењето, односно да ја досегне деликатната дозираност што ова изразно средство ја има во денешнината, не само во светот на уметноста и креативните индустрии, туку дури и во секојдневието, како на пример во медиумите. Всушност, на типичниот провокативен и шокантен начин за Игор Поп Трајков, тој ни дава една слика на ќор-сокакот во кој има западнато западната јавна сфера, па мора повторно да се навраќа кон изразното средство што самата таа го прогласила за средновековно – алегоријата. Во оваа изложба тој ни претстави и композиции што се комбинации на тематски групи и изразни средства или би можеле да се подведат во неколку различни, флуктуирачки групи. Авторот дава до знаење дека делата стојат сами и не треба да бидат групирани за да бидат разбрани. Делата им апелираат на сите – секоја убава алегорија може да биде оценета на свој начин. Поп Трајков уште еднаш нѐ интригираше со оваа изложба. Тој ни даде колекција што нѐ зашеметува со својата прецизна техника, која беше постигната со различни изразни средства. Убавината на делата е несомнена, но изложбата прави да се запрашаме за светот околу нас и нашето место во него – рече Пентала.