Во летните месеци сончевите денови стануваат подолги и сѐ почесто поминуваме време на отворено. Сепак, за луѓето со висок крвен притисок, екстремната топлина може да претставува особен предизвик. Високите температури можат дополнително да го оптоварат кардиоваскуларниот систем, па затоа ви пренесуваме пет корисни совети како безбедно и безгрижно да уживате во летото.
1. Одржувајте хидратација на телото: Правилната хидратација е клучна за здравјето, особено во топлите летни месеци. Дехидратацијата може да предизвика зголемување на крвниот притисок, па затоа е важно да пиете доволно течности во текот на денот. Избегнувајте прекумерно консумирање алкохол и кофеин, бидејќи тие можат да придонесат за дехидратација.
2. Ограничете ја изложеноста на сонце: За време на најтоплите денови, најдобро е да останете во ладни и затворени простори. Сончевото зрачење е најсилно помеѓу 10 и 17 часот, па затоа треба да планирате активности на отворено рано наутро или доцна попладне.
3. Облечете се според временските услови: Светлите бои ги рефлектираат сончевите зраци, додека потемните бои апсорбираат топлина. За време на летните горештини, одлучете се за лесна облека што дише, изработена од природни материјали како памук или лен.
4. Изберете лесна храна и ограничете го внесувањето сол: Летото нуди разновидни намирници што ја олеснуваат здравата исхрана. Јадете лесна, варена храна и ограничете го внесувањето сол. Се препорачува да консумирате не повеќе од пет грама сол дневно, што е еквивалентно на една кафена лажичка.
5. Редовно мерете го крвниот притисок: Според упатствата на лекарот, редовно мерете го крвниот притисок, особено во текот на летото. Доколку забележите значителни промени во крвниот притисок, консултирајте се со вашиот лекар, бидејќи може да биде потребна промена на терапијата.