Фото: Пиксабеј

Проблемот со зависноста се чини дека повеќе не е ограничен само на луѓето. Консумирањето кокаин, кофеин и лекови против болки остава трага не само врз здравјето на луѓето туку и врз здравјето на другите живи суштества околу нас.
Група научници од Федералниот универзитет во Парана во Бразил ги истражуваа загадувачите во водите на Карибите и Бразил и открија загрижувачки тренд. Анализирајќи ги собраните примероци, тие открија траги од кокаин, кофеин, лекови против болки, па дури и ретки елементи кај ајкулите. Научниците анализираа примероци од крв собрани од 85 ајкули од островот Елеутера на Бахамите. Анализата покажа присуство на повеќе од дваесет легални и нелегални супстанции. Дваесет и осум ајкули беа позитивни на кофеин, лекови против болки и други опијати. Некои имаа неколку различни опијати во своите тела. Наташа Восник, биолог што соработуваше на студијата, за „Саенс њуз“ истакнува дека главен извор на овие супстанции се луѓето. Тие доаѓаат со брод на нуркачки патувања или истураат отпад во морето и на тој начин ја контаминираат областа.
Научниците беа изненадени кога пронајдоа траги од кокаин во примерок земен од млада лимонова ајкула. ​​Присуството на дрогата во крвта на ајкулата укажува на неодамнешна изложеност. Восник шпекулира дека ајкулата можеби проголтала пакетче што содржи остатоци од кокаин, бидејќи тие се природно љубопитни и ги гризаат пакетчињата за да истражат. Сепак, тимот научници открија и промени во метаболичките маркери кај ајкулите што би можеле да влијаат на нивното однесување. На пример, претходните истражувања за златните рипки покажаа дека кофеинот ги зголемува нивната енергија и фокус, слично како што го прави тоа кај луѓето.