Капитенот на аргентинската фудбалска репрезентација Лионел Меси е прогласен за спортист на годината во изборот на магазинот „Тајм“ за 2023 година, откако по рекорден осми пат ја освои Златната топка и со Аргентина го освои светскиот шампионат.
– Меси успеа да го направи она што некогаш изгледаше невозможно: да ги претвори САД во фудбалска земја – пишува „ Тајм’ во образложението на наградата.
Меси одигра клучна улога во водењето на Аргентина до првата титула на Мундијалите по 36 години, кога во финалето на Светското првенство одиграно во Катар во декември минатата година, го победија бранителот на титулата Франција – потсетува „Ројтерс“.
Доаѓањето на Меси во Интер Мајами од ПСЖ остави трага не само на фудбалскиот терен туку и надвор од него.
– Вистината е дека имав неколку опции на маса кои беа интересни и морав да ги анализирам и размислувам за нив, дури и да ги одмерам со семејството, пред да ја донесам конечната одлука да дојдам во Мајами – изјави 36-годишниот Меси.
Меси го предводеше Интер Мајами до победа во Лига купот, во кој настапуваат екипи од САД и Мексико, а на седум натпревари на турнирот постигна 10 гола.
Пристигнувањето на Аргентинецот во САД предизвика голем интерес за натпреварите на Интер Мајами бидејќи навивачите сакаа да го видат на дело и го купуваат неговиот дрес. Цените на билетите за натпреварите на Интер нагло пораснаа, додека „Епл ТВ“ (Apple TV), кој има 10-годишно партнерство со МЛС, забележа значително зголемување на претплатите – пренесе „Хина“.