Денес ќе ви го претставам рок-поетот, сонувач и симбол на вечна инспирација – Џон Ленон. Поетскиот портрет за него, како рок-икона на бунтовните 1960-ти, го започнувам со неговиот повик за револуција – неговата легендарна композиција „Working Class Hero“ („Херој на работничката класа). Таа не е само една од најзначајните песни на Ленон и „Битлси“ туку е на самиот врв на рок-музиката воопшто. Чиста револуционерна песна. Неговата социјална рок-симфонија („Штом се родиш те тераат да се чувствуваш безначајно….Те навредуваат во куќата, те понижуваат во училиштето, те мразат ако си паметен, ги презираат луѓето… Ако сакаш да бидеш херој, следи ме…“) ја слика денешната цивилизација, а таа слика воопшто не е позитивна. Сега покојниот битлс прашуваше како да се извлечеме од жабурнакот во кој опстојуваме од моментот кога доаѓаме на овој свет до часот во кој си заминуваме од него. Едноставно, како да опстанеме во армијата медиокритети.
Неговото визионерство денес е поочигледно од кога било. Инаку, композицијата е правена во класичен дилановски манир, само со гитара, неколку акорди и вокал. Тоа ја направи многу впечатлива и соодветна за изведување на секое место и во секој момент. Заедно со „Imagine“, многумина ја сметаат за најдобро дело на Ленон.
Постојат рок-композиции што кај секој слушател предизвикуваат чувства и толкувања прифатливи и разбирливи само за него. Тие влијаат на неговите чувства, го одржуваат неговиот внатрешен дух, поглед на свет, моменталното расположение и сл. Станува збор за песни за кои има толкувања колку и слушатели. Една од нив е култната „Strawberry fields forever“, чиј автор е Ленон. Песна создадена, колку однатре толку и однадвор, од имагинацијата на авторот. Инспирирана е од неговата носталгија за детските денови во Ливерпул, претставена преку надреалистички и психоделични асоцијации, една од композициите што практично го дефинираа психоделичниот рок.
Интересна е и „Instant karma“, една од највлијателните композиции на Ленон. Во неа тој ја обработува честата реакција на поединецот, според системот „што е, тука е“. На тој начин тој ни праќа порака дека мораме да бидеме добри луѓе, бидејќи понекогаш животот може да биде многу краток. Тој ни ја праќа пораката на својот специфичен артистички начин, својствен за него. Кога ја слушаме се прашуваме дали е можно да побегнеме од сопствената судбина. Вообичаено, овие прашања ги поставуваат уметниците кога создаваат, ама често и ние обичните луѓе.
Ленон секогаш беше чекор пред другите. Никогаш не правеше компромиси со актуелните вкусови и трендови. Неговите пораки, неговите идеи и стихови секогаш беа и сѐ уште се оригинални, единствени, уникатни. Мисија на поетот е да укажува на апсурдите на општеството, да се спротивстави на лицемерството и лакомоста и да биде орудие за промени. Неговите стихови ја погаѓаа срцевината. Беа вистинска есенција за работите и процесите на кои им требаа живост, движење и динамика. САД го прогласија за непријател на државата.
И за крај „Imagine“ – песна еднаква на негов авторски портрет. Песна што го слави мирот во светот. Слика за човекот што е чувствителен и агресивен, силен и несигурен, самобендисан и социјално освестен. Оваа композиција, за мене е најдобра на сите времиња и во сите конкуренции. Чиста поезија. Ремек-дело. За она во што Џон верувал: дека сите ние сме една земја, еден свет, едни луѓе. Свет без насилство, неправда и војни. Очајнички сакаше таа идеја да ја сподели со светот. Затоа е легендарен рок-музичар. Еден и единствен, ненадминат, вечен, затоа што неговото дело допира небесни височини. И навистина, бунтовнички класик.
Сотир Костов