Кога една музичка група само во САД ќе продаде повеќе од 40 милиони албуми, а низ целиот свет околу 130 милиони, нема сомнение дека се работи за голем бенд. Токму таква успешна дружина се момците од „Бон Џови“, рок-група од САД, основана во 1983 г., во Сејревил, Њу Џерси. Нејзини членови се пејачот, гитарист и водач Џон Бон Џови, гитаристот Ричи Самбора, клавијатуристот Дејвид Брајан, тапанарот Тико Торес и басистот Хју Мекдоналд. Првичен успех имаат со демо-снимката на песната „Runaway“ на локалната радиостаница во Њујорк. Веќе во 1984 г. го објавуваат првиот албум „Bon Jovi“, кој им ја отвори вратата кон успехот. Групата најпрвин прифаќа да биде предгрупа на „Зизи топ“ на концертите во „Медисон сквер гарден“ во Њујорк, а потоа и предгрупа на „Скорпионс“ и „Кис“ на нивните турнеи по Европа.
Сепак, светска слава добија со третиот албум „Slippery When Wet“ во 1986 г. Од овој албум групата извади три сингл хит-плочи, од кој најпознат е „Livin on a Prayer“, кој се искачи на првите места на топ-листите во САД и многу други држави во Европа и Австралија. Албумот е прогласен за најпродаван, а хит-песната добива МТВ-награда за најдобра сценска изведба и трикратна платиниумска награда за продадени над 3 милиони копии. Овој албум од членовите на групата направи суперѕвезди, а водачот Џон Бон Џови обожавателите го доживуваа како секс-симбол.
Следува неколкугодишна пауза за одмор од напорните турнеи. Тоа е период кога лидерот Џон Бон Џови првпат размислува за соло-кариера, па го снима и првиот албум „Blaze of Glory“ (музика за филмот „Млади револвераши“), со кој постигна голем успех, освои многу признанија и награди, а беше номиниран и за „оскар“. Овој албум е значаен и по тоа што на него гостуваат музички великани какви што се Елтон Џон, Литл Ричард и Џеф Бек.
Во 1992 година бендот успешно се враќа на јавната сцена со албумот „Keep The Faith“, кој претставува почеток на ново поглавје во историјата на Бон Џови. Овој албум всушност го промени звукот на групата, а и имиџот на членовите, во контекст на однесувањето на сцената, облекувањето и кратењето на долгите коси. Иако безмалку сите дотогаш бендот стилски го сместуваа во хардрок, глам-метал и поп-рок, се покажа дека Бон Џови е мелодичен, енергичен и суптилен бенд, кој изведува нежни балади. Кратко и конкретно кажано, нежен рокенрол-бенд што успешно ги спојува елементите на хардрок, хеарметал, хартленд-рок и стилот емтиви-анплак.
Следува уште една голема пауза, сѐ до излегувањето на албумот „Crush“, со мегахитот „It’s My Life“, со кој нивната музичка палета уште повеќе е развиена. Оваа песна гламерите од 1980-тите години ги лансира на самите врвови на топ-листите, а самата група ја приближи до младата популација. Песната со текот на времето стана еден вид ода на животот. Има пораки за борците за независност и за жените што се борат против насилството. Групата ја изведуваше на концертот посветен на жртвите од тероризмот на 11.9. 2001 г., исто така и на затворањето на Зимските олимписки игри во Солт Лејк Сити, на свечениот крај на годишните спортски сезони во повеќе спортови, па така стана еден вид химна. Сето ова е резултат на емотивноста, набиеноста со позитивни вибрации и рокенрол-рифови, кои членовите на бендот ги покрија со ѕвездена прашина и ги направија музички гиганти.
Водачот Џон Бон Џови никогаш не стана зависник од овациите на публиката и роб на сопствената популарност. Вкупно 29 години е во брак е со Доротеа, негова девојка од средношколските денови, со која има четири деца: три сина – Џеси Џејмс Луси, Џејкоб и Ромео, и ќерката Стефани Роуз. Семејството за него е сѐ, па така тој, покрај тоа што е посакувана рок-ѕвезда, пред сѐ е нежен сопруг и горд татко. Покрај тоа што е голема рок-ѕвезда, тој е и успешен актер, со впечатливи ролји во филмовите: „Месечината и Валентино“, „Трева“, „Непозната дестинација“, „Малиот град“ и многу други. Џон е и претприемач со истенчено чувство за бизнис. Сопственик е на Филаделфија соул, фудбалски клуб што го менаџира заедно со бизнисменот Крег Спенсер. Забележале можност да заработат од славата и умешноста на Бон Џови, како и од неговите маркетинг-вештини. Најпрвин ја презеле франшизата, па Џови донел извонредни одлуки, како што се именувањето на тимот соул, што значи душа, бидејќи сите имаат душа, креирале маскота Соул мен, и по натпреварот – давање автограми на навивачите. Постигнале големи успеси, па така денес тимот води во АФЛ во САД. Секоја искористена можност е можност за резултати и профит. Покрај овој бизнис, тој со својот најстар син е и произведувач на виното „розе“.
„Бон Џови“ се доказ дека рок-музиката не ги признава годините. Во текот на сите овие години нивната популарност никогаш не беше доведена во прашање, бендот и понатаму со ненамалено темпо снима и настапува и свири музика што создава добро расположение, пријатно чувство и големо задоволство. Во својата 30-годишна кариера отсвиреа над 2.700 концерти во повеќе од 50 држави, кои во живо ги видеа околу 35 милиони обожаватели. Момците од бендот, предводени од харизматичниот и сексапилен Џон Бон Џови, покажуваат и на дело докажуваат: или си мајстор или дефинитивно не си тоа. Тие многупати покажаа дека не се само мајстори, туку и музички велемајстори. Џон Бон Џови и Ричи Сампора во 2009 година беа примени во Куќата на славните композитори.
(Извадок од книгата во печатење „Обожавани музички икони“, заеднички проект на Сотир Костов, автор на текстот, и Александар Станковски, автор на портретите во комбинирана техника и колаж на музичките ѕвезди)