Адаптацијата на „Џокер“ со Жоакин Феникс во главната улога е еден од најочекуваните филмови за оваа година. Новиот филм за најпознатиот негативец од стриповите, Џокер, ќе биде поинаков од сите филмови што ги гледавме низ годините. Приказната за овој психолошки трилер ја следи трансформацијата на најголемиот непријател на Бетмен, Џокер, од неговите почетоци како комичар, па до тоа како станал најпопуларниот негативец и криминалец, каков што ѝ е познат на публиката.
Жоакин Феникс посебно се подготвуваше за оваа улога и ослабна дури 23 килограми, за да ја прикаже внатрешната борба на ликот, но и за да дојде до изгледот што го претпочиташе режисерот Тод Филипс за улогата. Филмот е фокусиран на комичарот Артур Флек, кој живее во фиктивниот град Готам, за време на 1980-тите години. Феникс поминал осум месеци во истражувањето како стендап-комичар Артур, станал непријател на Бетмен, проучувал нарушувања на личноста и вежбал како постојано и постојано да се смее. Феникс пред премиерата кажа дека екстремното намалување на тежината го довело до ниво на лудило, кое му помогнало да се подготви за улогата, како и книгата за психологијата на атентатори на политичари.
На годинашниот филмски фестивал во Венеција, премиерната проекција на филмот „Џокер“ доби осумминутни овации од публиката. Покрај извонредниот прием кај фестивалската публика, „Џокер“ доби и исклучително високи оценки од филмската критика. Уметничкиот директор на филмскиот фестивал во Венеција рече дека овој филм ќе го испрати Феникс до „оскарите“ и може да му ја донесе статуетката во категоријата најдобар актер.