Целиот со дамки и дупки од цигари, неиспран речиси три децении, џемпер на Курт Кобејн e продаден на аукција во Њујорк за 300.000 евра. Лидерот на култната група „Нирвана“, Курт Кобејн, го носел кашмирскиот џемпер на копчиња, за време на настапот на „Анплагд“ МТВ концертот во 1993 година. Од кога го носел последен пат, џемперот не бил перен.
Како што е наведено, ова парче облека од кога е продадено на њујоршката аукција го држи првото место на листата со најскапи џемпери што некогаш се продадени на овој начин.
На аукцијата, по речиси истата цена, продадена е и специјално изработената гитара „фендер мустанг“ на Кобејн, на која свирел за време на турнеја на „Нирвана“. Оваа гитара неколку години се наоѓала во куќата на славниот рокенрол-музичар.
Курт Кобејн постигна голем успех по основањето на „Нирвана“ во 1987 година, но цело време се бореше со товарот од славата, депресијата и зависноста од наркотици. Изврши самоубиство во април 1994 година на 27-годишна возраст.