Сузана Спасовска, пејачка

Патриотските песни, кои се дел од мојот репертоар се историја, тие постојат со векови. Јас во срцето и душата не можам да бидам ништо друго освен Македонка и ќе продолжам да ја раскажувам македонската приказна низ светот

Сузана Спасовска или Сузе Национале, како што е позната меѓу своите многубројни обожаватели во Македонија и секаде низ светот каде што живеат Македонци, повеќе од 30 години нѐ прегрнува со својот убав, чист, ѕвонлив глас, со кој опеа стотици македонски народни и новосоздадени песни. Неуморна да го извлече својот максимум, таа постојано си поставува нови предизвици, а последниот е издавање комплет од шест цедиња, заедно со монографија, а годинава ќе го издаде и својот нов носач на звук, насловен „Наша мала приказна“, заедно со дивиди, посветен на нејзината верна публика.

На музичката сцена сте веќе 32 години, со постојани настапи, концерти, турнеи. Дали, сепак, остана нешто неиспеано, нереализирано?
– Многу сакав да бидам оперска певица, но ете не ја остварив оваа голема желба. По матурирањето во консултација со родителите посакав да се запишам на Музичка академија, а тие ме разубедуваа со зборовите: „Каде ќе работиш, што ќе бидеш?“ Не ни помислуваа дека за мене академијата ќе биде од полза и се запишав на Економски факултет. И тоа денеска најде свое место, но сепак ми е жал што не ми се оствари оваа желба. Но, од малечка чувствував дека сум благословена. Често ме тераа да пеам, дури ми дава и метални парички, а мајка ми во еден миг си помислила: „Ова дете уште од мало добива парички за својот убав глас, што ли ќе биде од него?“

Големо искуство стекнавте како хористка и солистка во женскиот младински хор „25 Мај“, со кој диригираше Запро Запров.
– Да таму научив многу, а пред сѐ дека дисциплината, освен дарбата и упорноста, е важен фактор за секој успех. Имав среќа што бев и солист во хорот и се сеќавам имав трема пред тие настапи. И денес јас во првите минути, било да настапувам соло или со „Танец“ имам трема. Некој ако каже дека нема, тогаш му е сеедно и не е одговорен.

Најпозната сте како пејачка на народна музика, но на репертоарот имате и забавна музика. Знаете ли да запеете некој од актуелните поп-хитови на некој настап или за своја душа?
– Да многу ја сакам рок, поточно хевиметал-музиката, а омилена ми е „Child in time“ на „Дип Парпл“. Јас не сум фолкерка, како што некои ме нарекуваат. Траам толку долго зашто сум шаренило од сѐ и сешто. Имам многу интереси во музиката и цело време се прашувам што ли ќе биде следното? Постојано си ги поместувам креативните граници. Секој ден е докажување, како да се почнува од почеток.

Еден ваш подвиг е издавањето на монографија, но и на шест цедиња со вашите најголеми хитови. Ќе кажете ли нешто повеќе за овој мегапроект?
– Идејата и концептот за монографијата „Сузана Спасовска – 30 години музика, сцена за Македонија“ е на мојот драг пријател Дејан Величковиќ, а биографијата ја напиша д-р Александар Трајковски. Фонографијата е дело на двајцата, а продуцентите сме јас и Дејан Величковиќ. Дизајнот е на „Д визуал арт“, а се печатеше во „ДПИ Принт центар“. Инаку, шесте цедиња се објавени кон крајот на 2017 г., а лани излезе монографијата. Годинава ќе го издадам новото цеде „Наша мала приказна“ и дивиди од јубилејниот концерт во 2016 година, во МОБ, со кој одбележав 30 години кариера. Секое цеде содржи песни со посебна тематика: весела, свадбарска, патриотска… Едното има 46, а другото 59 композиции, што ги одбележале моите 30 и кусур години на естрадата. Издавач е „Југотон“, но цедиња се промотивни, ги нема во продажба. Ова е единствен ваков проект на овие простори, никој нема направено нешто слично досега. Но морам да нагласам дека јас сето ова не сум го направила сама, туку со моите соработници. Како господ да ги праќал во одредени моменти од мојата кариера, да бидат до мене и со своето знаење и умешност да ми помагаат да напредувам.

Не случајно, вие сте единствена наследничка на Васка Илиева, таа токму вас ве одбра.
– Да Васка Илиева мене ми го предаде аманетот, па затоа некои мислат дека поради тоа треба да пеам песни како нејзините. Не е така, бидејќи јас имам свое обележје, свое грло. Јас сум одбрана да ѝ го продолжувам патот на македонската песна и максимално се трудам таа да се слуша надалеку, да ја ширам македонската музичка приказна во светот.

Сте го пропатувале цел свет. Какви се средбите со нашинците во Австралија, Америка…?
– Да, сум била секаде низ светот, а само во Австралија сум гостувала 21 пат. Незаборавни се средбите со нашинците, на кои иако се далеку од родината, Македонија им е во срцето. Таа носталгија не може никој да ја избрише. Има емоции, солзи, но не само таму, и тука, ме запираат луѓе на улица и ми велат дека се изнаплакале кога слушале некоја моја песна.

Актуелни се случувањата во врска со промената на името на нашата држава Македонија, што се споменува во многу ваши патриотски песни. Каков е вашиот став?
– Да, ме прашуваат многумина дали ако дојде до тоа, јас ќе продолжам да ги пеам овие песни на моите настапи. Но тие се историја, тие постојат со векови. Јас во срцето и душата не можам да бидам ништо друго освен Македонка и ќе продолжам да ја раскажувам македонската приказна низ светот.

Дали изучувањето на кинескиот јазик и запознавањето со кинеската музика на некој начин ве смени?
– Да изучувањето на кинескиот јазик и музика ме подмлади, и професионално ме надгради. Единствено јас на Балканот, па и пошироко, пеам кинески песни. Во нив го пронаоѓам она што ми недостигаше како оперска пејачка, бидејќи тука сопраните се високи, а ја имам и неопходната чистина и ѕвонливост, но и гласовен опсег од три октави. Имам материјал за цел концерт со кинески песни. Песните се чудни и чудесни истовремено, мене ме прават многу среќна.

Која е песната што ја обележа вашата кариера?
– Има неколку, кога почнав на фестивали беше хит „Кога љуби мома млада“ на Тодор Трајчевски, а тука се и „Ти верував докрај“, „Стојане сто те убиле“, „Робинка“, „Гордо Македонијо“, „Здраво живо домаќини“, „Калино моме“…

На многу песни им дадовте нов живот, а една од нив е „Параходот ми пристигна“ на легендарниот Никола Бадев.
– На неодамнешното одбележување на 70-годишнината од раѓањето на Никола Бадев, неговата ќерка Роска Бадева ме замоли да ја испеам „Параходот“, зашто, како што рече, ја интерпретирам на специфичен начин. Драго ми е што и „Јано севдалино ја возобновив“, а потоа беше прифатена во народот, а заедно со „Леб и сол“ ја преработивме и „Ајде сонце зајде“.

Едно време снимавте новосоздадени песни за помладата публика, а денеска без нив не може да заврши ниеден ваш концерт. Несомнено една од нив е „Џингрлака“.
– Оваа весела песна е мое дело, бидејќи јас сум авторка и на музиката и на текстот. Многупати сакам да ја избегнам на настапите, но доаѓаат и по десетина мои обожаватели и ме прашуваат кога ќе ја испеам „Џингрлака“? Оваа година песната слави 20 години и во моментот се снима ремикс, наменет за публиката што сака весела, помодерна, музика.

Сепак во животот не е сѐ мед и млеко. Во сите професии, а особено во вашата има и завист, љубомора, озборувања. Како се справувате со отровните стрели, ве погодуваат ли?
– Тие ме прават посилна и ми даваат стимул да одам уште подалеку. Да не постоеја душманите немаше да постојам ни јас. Има многумина што сакаат да ме помрднат од местото, но ветриштата на врвот мене ме дуваат 30 години. Понекогаш можеби ќе ме занишаат, но цврсто се држам, со помош на мојот труд и на многуте откажувања во животот.

Вашата ќерка Теона ве поддржува во сѐ, но не тргна по вашиот пат?
– Напротив тргна, бидејќи јас сум дипломиран економист, како и таа. Среќна сум што е паметна, достоинствена девојка. Иако растеше со еден родител, стана воспитана млада жена. Ние сме како две другарки, за сѐ разговараме. Ми значи што ги цени вистинските вредности. Се надевам дека ќе продолжи гордо да чекори во животот заедно со нејзиниот свршеник Виктор Велковски, кому токму на денот на нејзиниот роденден му кажа „да“.


На Бадник и Божиќ со семејството

Како ги прославувате Бадник и Божиќ?
– Како и повеќето православни семејства во Скопје и ние кршиме лепче на Бадник. Се собираме кај мајка ми традиционално, а некогаш правиме лепче и за Василица, ако некому не му се паднало паричето, да има уште една шанса (ха-ха). Ги сакам тие денови кога сите сме заедно, кога малку подзастануваме во секојдневната трка и си се посветуваме едни на други.