Веста дека ќе се снима телевизиска серија за Јованка Будисављевиќ Броз, сопругата на југословенскиот претседател Јосип Броз Тито, предизвика голем интерес во Хрватска, но и во целиот регион. Серијата ја подготвува за реализација продукциската куќа „Адреналин“, сценариото го напиша Милана Влаовиќ Ковачек, а изборот на глумците ќе почне во септември, објави „Вечерњи лист“.
– Милана направи прва рака на сценариото, а ѝ помогнаа неколкумина колеги. Ќе биде ангажиран и писател од Велика Британија, специјализиран за историски драми за познати личности – изјави извршната продуцентка на серијата, Теа Королија.
Според нејзините зборови, серијата „Јованка“ ќе ја следи приказната за главната хероина, пред сѐ од човечки аспект. Но сите луѓе околу неа на извесен начин влијаеле на нејзиниот живот и на околностите под кои тој се одвивал. Значи се работи за фикција и за тоа како таа гледала на историските настани и на животот со Тито.
– Серијата ќе биде копродукција на повеќе држави и ќе се снима во Хрватска, Србија, но и во Русија и во Египет. Кој ќе ги глуми Јованка и Тито ќе се знае по пробните снимања, кастингот ќе го направиме во сите земји на некогашна Југославија – изјавила Королија.
Се планира снимањето да почне наредната 2021 година, а предвидени се две сезони со по шест епизоди, што во последните години стана светски стандард, особено на платформите како што е „Нетфликс“. Поради актуелната ситуација со коронавирусот, сѐ уште не е прецизиран датумот на премиерата на првата сезона.