Како што поминува времето, станбениот простор во градовите сѐ повеќе се стеснува. Се стреми кон индивидуализација и флексибилност. Кои се ефектите од сето ова врз нашите навики за домување? Се појавија неколку главни трендови, кои се од клучен интерес и за архитектите и дизајнерите, но и за инвеститорите и градителите. Еден од нив е колективното домување. Според податоците на Обединетите нации, се проценува дека за сто години на Земјата ќе живеат од 9,3 до 12 милијарди луѓе. Притоа повозрасните ќе бидат најбрзорастечката група. Затоа, се претпоставува дека ќе се зголеми бројот на мултигенерациски домови. Во нив, луѓе од различни генерации ќе живеат заедно во заедница.
Меѓу трендовите се т.н. паметни домови со ниска технологија. Интегралниот дизајн што вклучува најсовремена технологија и креативна визија има најголем потенцијал за одржлива градба. Потребна е едноставна и стабилна градежна техника. Исто така, се зголемува потребата од здрави, природни и еколошко прифатливи материјали. Во внатрешноста доминираат еколошкиот малтер, дрвото, плутата, како и природните влакна. Сѐ повеќе се стремиме кон еколошки производи, како што се премази што апсорбираат штетни материи и ослободуваат јони во воздухот. Тоа е наречено холистичко домување – хармонија на човекот, природата и домот.
На пример, мебелот што се произведува во големи серии не е повеќе интересен. Денес на цена се занаетчиските изработки и висококвалитетниот мебел или рециклираните производи, како што се на пример парчињата мебел изработени од палети. Постои зголемена побарувачка за уникатен мебел. Важно е и домувањето во зеленило и урбано градинарство. Секој би сакал да живее опколен со зеленило, без притоа да се откаже од практичноста што ја нуди градот. Омилен концепт е урбаното градинарство. Многу урбани површини во станбени зони или во близината на згради се претвораат во урбани градини.
Еден од трендовите на иднината се и микростановите, како директна последица на недостигот од станови за домување во градовите. Мини-дом, во просек од 35 квадратни метри, со иновативни, креативни и еколошки решенија, како и голем број паметни, вградени елементи и рафиниран дизајн, обезбедува флексибилно и достапно домување.