Покрај 14-те вечно зелени мелодии, на цедето има и една понова композиција, „Носталгија“, напишана лично за мене од мојот пријател и колега Бедрија Синаноски-Беџо
Познатиот македонски виолинист и музички педагог Зоран Џорлев, денеска, напладне, во МОБ, ќе го претстави својот најнов музички проект, цедето „Свирете ја зајди, зајди“, негов втор обид на едно место да ги собере најубавите македонски евергрини со нови аранжмани и отсвирени со неговата виолина.
Нова година и Божиќ се денови што го сплотуваат семејството, мигови на подарување и на дружење со најблиските. Дали токму затоа се одлучивте вашето второ цеде со македонски евергрини да го промовирате токму сега?
– Токму така, музиката е најубавата порака што допира до секого, посебно во празничните денови. Замислете како би изгледал еден ден без музика, еден филм без музика, една забава без музика. Таа е присутна во нас дури и тогаш кога не ја слушаме. Ова цеде, на чија реализација чекав подолго време, и кое за мене е многу значајно, сакав да го подарам токму за време на овие големи празници. Многу ќе ме израдува ако „Свирете ја зајди зајди“ го разубави семејниот амбиент. Духовната вредност секогаш ми била поважна од материјалната па затоа решив да се продава со цена од само сто денари, за да може секој да го има оригиналот без да го преснимува.
Песните што ги овековечивте на првото цеде, кое одлично помина кај публиката, сѐ уште се слушаат. Како ги одбиравте мелодиите што се најдоа на ова цеде?
– Песните ги селектирав долго време, бидејќи имаме толку многу убави македонски композиции. Преслушав стотици незаборавни мелодии, преслушувајќи ги и интерпретациите, внимавајќи како тие композиции би звучеле „отпеани“ на виолина и се потрудив тие да добијат што поубава инструментална интерпретација.
Дали имате некоја случка поврзана со некоја од песните или со изведувачите?
– Посебно ми е мило бидејќи сите автори застапени на цедето ги познавам лично. За жал, некои од нив не се веќе помеѓу живите, но контактирам со нивните семејства. Исто така ги познавам лично и интерпретаторите на композициите, со исклучок на Хелена Благне, која ја интерпретира песната „Кога те нема“. Секоја песна е случка за себе и секоја посебно ја доживувам. На цедето има и една понова композиција што првпат ја изведов лани на мојот јубилеен концерт, која е напишана лично за мене, а тоа е композицијата „Носталгија“. Всушност таа композиција ми е посебно драга бидејќи ја напиша мојот голем пријател и колега Бедрија Синаноски-Беџо, со кој работевме и се дружевме заедно секојдневно повеќе од 20 години. Веќе петнаесетина години тој живее во Канада, но далечината не претставува пречка да соработуваме и понатаму.
Задоволен ли сте од конечниот изглед на цедето?
– Да, како и за претходните, така и ова цеде пред сѐ сакав да има душа, да се почувствува таа душа додека тече музиката. Сакав да дојде до израз мојата многугодишна посветеност на работата со музиката, мојата љубов кон инструментот и, секако, кон македонскиот израз во музиката. Не можам да го скријам задоволството и од изгледот на обвивка за што се погрижи мојот постар син Наско, и многу сум горд на тоа. Инаку цедето е направено високопрофесионално, а печатено е надвор од Македонија.
На ова цеде соработувате со Дамир Имери, ваш добар пријател и колега, кој ве следи и на концертите, но и со Валентино Скендеровски, кој се погрижи за продукцијата. Колку ви значи таа блискост со соработниците?
– Со Валентино сме соработувале на пократки патеки, но ова ми е првпат да соработуваме за нешто поголемо, и не случајно одбрав да снимам во неговото студио „Ентерпрајз“. Со Дамир соработуваме повеќе децении, на повеќе проекти. Уште кога го работевме првиот проект, Дамир ја прочита мојата идеја за понатамошна соработка и го направи тоа што го имаме сега како финален проект. Разбирањето со поглед е битно, но уште поважно е да се знае како да се финализира тоа. Дамир го прави тоа одлично и среќен сум што имам таков близок соработник, колега, пријател…
Сепак, и покрај задоволството од сработеното, не го криете разочарувањето од таканаречените „поддржувачи на македонската музика“, кои иако ветија, не ја помогнаа реализацијата на цедето…
– Ако ја немав поддршката од сопругата и од децата, верувајте одамна ќе се откажев, некако се уморив да бидам дон кихот. Со години од многумина од таканаречените „поддржувачи“ слушам само браво, а кога треба да се покажат на дело, ги нема буквално ни да се одзват. Тоа не ме демотивираше да го финализирам и овој проект, напротив. Им благодарам на оние што ми дадоа скромна, но за мене значајна, голема и безрезервна поддршка. Сѐ уште верувам и се надевам дека ќе се смени нешто во поглед на поголема интерес за поддршка на вакви проекти, но како и да е, јас со гордо крената глава и со божја помош, чекорам напред.