Амбасадорката на Канада за Србија, Македонија и за Црна Гора, Кати Чаба, и директорката на Националната галерија, Дита Старова-Ќерими, вечерва, во 19 часот, во објектот „Чифте-амам“, ќе ја отворат изложбата на канадскиот уметник и графичар Ги Ланжевин.
Ги Ланжевин (1954 г.) дипломирал во 1977 г. на Универзитетот во Троа-Ривиер. Познат е по делата во црна гравура (мецотинта), држи курсеви за магистранди по оваа техника во Канада и други земји (Франција, Белгија, Луксембург, Кина, САД). Еден е од основачите на ателјето „Пресе папиер“ и меѓународното биенале на современа графика во Троа-Ривиер. Учествувал во многубројни уметнички проекти како кустос и член на жирито/уметничкиот совет. Изложувал на повеќе од 60 самостојни (40 во Канада, 20 во странство) и над 150 групни изложби во Канада и на 250 меѓународни изложби во светот.
Од опусот на уметникот на македонската публика ќе ѝ бидат претставени повеќе графики од серијалот „Паднати ангели“. Во овие дела Ланжевин продолжува со истражувањето на некои од дуалитетите што го карактеризираат нашето доживување на животот – светлоста и темнината, сигурноста и сомнежот, сеќавањето и заборавот, но и контрастот помеѓу јаснотијата и неодреденоста на паметењето. Тој избрал во оваа серија да им се посвети на две техники – мецотинта, традиционална техника, која бара висок степен на мануелна прецизност и вештина, и дигитална фотографија, која се развива со голема брзина во основна техника на 21 век. Поставката е замислена како целина за изложување, на тој начин правејќи инсталација што на гледачот му нуди предизвик и можност за размислување. На „паѓачките ангели“ им се одземени крилјата, исто како што им се одземени облеката и идентитетот на лицата. Тие се со човечко потекло, а набљудувачот може да ги толкува на разни начини.