Шестгодишната ѕвезда на платформата Јутјуб со 30 милиони претплатени лица купи мултимилионски имот на пет спрата во Сеул. Имотот на младата Борам, кој има вредност од 8 милиони американски долари, се наоѓа во една од најелитните населби во главниот град на Јужна Кореја, а купен е преку компанијата која ја основале неговите родители, објави Си-ен-ен.
Борам има два мегапопуларни профили на Јутјуб на кој објавува видеа со помош на неговите родители. Едниот е канал за тестирање и оценување на играчки кој го следат 13,6 милиони луѓе, а другиот за видео блогови, со поддршка од дури 17,6 милиони претплатеници.
Според пишувањата на „Форбс“, платформата Јутјуб создаде многу деца-ѕвезди кои привлекуваат големи заработувачки. Минатата година, осумгодишниот Рајан Канџи од САД заработил 22 милиони долари од неговиот канал кој има 20,8 милиони претплатеници.
Објавувачите на содржини на платформата заработуваат пари на различни начини, како процент од рекламите на нивните видео-клипови и со потпишување на партнерства со брендови кои потоа ги продаваат нивните продукти. Борам, на пример, некогаш во своите клипови ги промовира овие продукти.
Во минатото, јавноста неколку пати истакнуваше загриженост за тоа како Јутјуб се справува со клипови на кои има деца. Во февруари, платформата одлучи да забрани коментирање на видеа со малолетници, по обвиненијата дека Јутјуб е место на кое педофили наоѓале млади момчиња и девојчиња.
Тогаш, портпарол на компанијата изјави за Си-ен-ен дека тие разгледале и отстраниле илјадници неприкладни коментари, затвориле над 400 канали и многу видеа на кои има малолетни лица.