Јужнокорејскиот режисер и сценарист Бонг Џун-хо, кој минатата година ги зеде некои од најголемите филмски награди, својот успех го круниса со својот филм „Паразит“, освојувајќи дури четири „оскари“.
Неговиот филм „Паразит“ влезе во историјата како прв филм што не е на англиски јазик, а кој ја освои престижната награда за најдобар филм. Покрај тоа е прогласен и за најдобар филм што не е од англиско говорно подрачје. Бонг е награден со „оскар“ и за најдобра режија и оригинално сценарио.
Роден меѓу уметници, бил и во затвор
Бонг пораснал во уметничко семејство во Сеул. Неговиот дедо по мајка бил познат романописец, додека неговиот покоен татко и сите негови браќа и сестри се универзитетски професори во различни области, вклучувајќи ја и модата и ликовната уметност.
Студирал социологија на Универзитетот Jонсеи, а во текот на студирањето учествувал и на протестите за воведување демократија во 1980-те години. Во една прилика Бонг има изјавено дека бил уапсен поради фрлање молотови коктели за време на демонстрациите.
Тој е дел од првиот бран филмски создавачи во Јужна Кореја, кој процветал после воведувањето демократија во земјата, со што се отворила вратата за културен препород.
Еден од најпознатите јужнокорејски режисери
Бонг, кој е познат по мрачните трилери, но и научнофантастичните филмови и оние со мешани жанрови, зад себе има филмови со одлични критики.
Неговиот „Сеќавање за убиство“ од 2003 година е заснован на вистински настан за убиства што ги вршел сериски убиец.
Во 2006 година го сними блокбастерот „Домаќин“, кој ја прикажува владата што била неспособна за време на голема катастрофа.
Меѓутоа, тој работел и на филмови на англиски јазик, како што е „Мразокршач“ со Крис Еванс, кој прикажува дистописка иднина, кога ќе настапи новата ледена доба.
Неговиот талент го препозна и „Нетфликс“ во чија продукција е работена и научнофантастичната акција „Окја“ со Тилда Свинтон.
Бројни холивудски режисери го фалат Бонг, многу одамна пред Филмската академија да го забележи, нарекувајќи го „азискиот Спилберг“. Самиот Квентин Тарантино, вели дека му се воодушевува на Бонг, кој прави филмови како „Спилберг на својот врв“.
Политички и социјален поттекст
Во текот на својата кариера, Бонг често се занимава со мрачни и тешки теми, вклучувајќи насилство, системско угнетување и климатски кризи.
Исто така отворено говори и за соочување со тешка анксиозност во земја во која менталното здравје е табу-тема.
Сите негови филмови се полни со социјална и политичка критика, иако тоа не е очигледно на прв поглед.