Кучињата и мачките што се домашни миленици во Сеул, ќе бидат тестирани за ковид-19 доколку покажуваат симптоми, соопштија локалните власти. Одлуката уследи по неколку недели откако беше забележан првиот случај на коронавирус кај животни, кога заразата беше забележана кај мачка.
Ќе се тестираат само оние домашни миленици кои имаат симптоми како што се треска или отежнато дишење по контакт со заразени лица. Животното ќе мора да биде во домашен карантин ако е позитивно на тестот.
Домашните миленици не мора да бидат ставени во посебна изолација, објаснила Парк Јо Ми, локална службеничка за здравство во Сеул. Доколку сопственикот е хоспитализиран поради ковид-19 или е премногу болен и стар за да може да се грижи за миленикот, животните ќе бидат однесени во карантин што е под јурисдикција на градската власт. Во Јужна Кореја, заразените лица обично се сместуваат во посебни установи за карантин, доколку им е потребна болничка нега.
Парк Јо Ми ги потсети жителите на главниот град на Јужна Кореја, како претпазливост да одржуваат физичко растојание од два метра во однос на другите луѓе и животни, заедно со домашни миленици.
На почетокот на месецов, заразено маче е пронајдено во верски објект во градот Јињу во јужна Јужна Кореја, како што пренесе локалниот портал „Јонхап“. Здравствените власти се сомневаат дека мајка и ќерка кои престојувале во верската зграда ја заразиле мачката, бидејќи и двете биле позитивни на тестирањто за ковид-19.
Експертите претходно изјавија дека е малку веројатно оти животните можат да го пренесат вирусот на луѓето, иако претходните истражувања покажаа дека мачките можат да бидат носители на ковид-19. Истражувањата покажаа и дека тие можат да заразат и други мачки, иако ваквите случаи се ретки.
Минатиот месец две горили се заразија во зоолошка градина во американскиот град Сан Диего, а се претпоставува дека вирусот им го пренел човек. Ова беа првите регистрирани случаи на коронавирус кај мајмуни од почетокот на пандемијата. Случаи на зараза со ковид-19 се откриени и кај други видови диви животни во зоолошките градини – кај лавови во Барселона и кај тигри во Њујорк.