Куќата на југот на американската сојузна држава Флорида, која речиси две децении му припаѓала на познатиот гангстер Ал Капоне, се планира да биде урната. Како што пренесе „Мајами хералд“, новите сопственици на куќата со девет соби во Мајами Бич, платиле 10,75 милиони долари за неа ова лето. Еден од сопствениците, Тод Глејсер, изјавил за „Хералд“ дека куќата се наоѓа еден метар под нивото на морето и е оштетена од поплави и подземни води, пренесе агенцијата АП.
Новите сопственици планираат да изградат нова куќа на два ката со осум соби и бањи, со џакузи, спа-центар и сауна, а куќата на Ал Капоне ќе служи за снимање филмови и реклами.
– Оваа куќа е ѓубре и претставува срам за Мајами Бич – изјавил Глејсер.
Косопственикот на куќата е неговиот деловен партнер Нелсон Гонзалес, градежен инвеститор и потпретседател на „Беркшир Хатавеј хоум сервис“.
Капоне во 1928 година ја купил куќата на Флорида за тогашни 40.000 долари и често отседнувал тука, каде што и починал од срцев удар во 1947 година.
Трите внуки на Ал Капоне планираат да продадат и 174 лични предмети на нивниот дедо на аукција што ќе се одржи на 8 октомври во аукциската куќа „Витерелс“ во Сакраменто.