Урбани легенди: Зоран Блажевски
Човекот што триесетина години го креираше ноќниот живот на Скопје, од најмала возраст бил пргав и темпераментен, а писателката Оливера Николова ги преточила неговите детски лудории во книгата „Зоки Поки“. Книгата оживеа во играна серија што во моментов се прикажува на МРТ
Зоран Блажевски алиас Зоки Малиот, несомнено е една од скопските урбани легенди, познат градски лик што се вели, угостител што го креираше и го збогати ноќниот живот во Скопје. Глумел на филм, во популарната телевизиска серија „Преспав“, го има и во спотот на Дац и на Александар за песната „Уште ми фалиш“, а Владо Јаневски го спомнува во песната „Евергрин“. Вели дека и денес го препознаваат на улица, но не е оптоварен со популарноста.
– Убаво е кога ќе те препознаат, ако кај некого си оставил добар впечаток и ве врзуваат некои убави, заеднички спомени, а во повеќето случаи е така. Но во мојата професија имало и некои непредвидливи моменти, на пример не си пуштил некого да влезе во ноќниот клуб и не ти го заборавил тоа. Сепак, задоволен сум од моите три децении професионален ангажман како угостител и би ги издвоил трите сегменти што се многу значајни за мене, а се надевам и за скопјани. Тоа е периодот кога го отворив кафулето „Рандеву“ во Старата скопска чаршија, па потоа дојде работата во клубот МЦМ и на крајот во „Џубокс“, каде што најдолго се задржав, цели 17 години, па, ете, затоа и ме викаат Зоки Малиот од „Џубокс“ – се сеќава тој.
Навраќајќи се на времето кога беше отворено „Рандеву“ пред 30 години, тој со носталгија ни рече дека Скопската чаршија тогаш живеела со полни гради и вриело од млади.
– Во тој период луѓето живееја полежерно, тоа беше времето на Анте Марковиќ кога сите имавме малку повеќе пари. Кога го отворив МЦМ состојбата беше многу сменета, имаше војна во регионот, но можеби токму поради тоа во Скопје често доаѓаа луѓе од бивша Југославија, музичари, пејачи, кои беа мои гости, а во клубот доаѓаа и учесниците на Скопскиот џез-фестивал, како Саиф Кеита, Џое Завинул и други музички ѕвезди. А „Џубокс“ е третиот сегмент, можеби за мене и најважен. Таму се трудев на новите генерации да им го посочам ритамот на градот, да им покажам како пулсира ноќниот живот во една светска метропола. Но ѝ се обраќав и на една популација на позрели луѓе од времето кога игранки се правеа со џубокс. Едноставно сакав да ги усреќувам луѓето и се трудев никој да не излезе од мојот клуб незадоволен. Морам да истакнам дека угостителските објекти во кои работев не беа базирани на приготвување храна, туку на добра и уникатна забава. Затоа меѓу првите воведов концепциски вечери, на џез и на евергрин музика. Кај мене настапуваа Жаклина Стевковска со својата гитара, па „Банкрот блуз бенд“, Игор Џамбазов – сподели дел од спомените Зоки Малиот.
Ни откри и дека во неговото Дебар Маало каде што пораснал, бил опкружен со уметници, кои му биле соседи, а потоа некои од нив и ортаци во работата како глумците Гоце Тородовски и Јовица Михајловски. Но и самиот Зоки, уште од мали нозе пројавувал талент за глума, па еден ден мајка му го однела во Радио Скопје (што се наоѓало на местото каде што е сега Соборниот храм), и таму ја отпеал песничката „Падни падни јаболко од висока гранка“. И навистина неколкупати досега Зоки добил неколку улоги, а една од најважните е во филмот на Ведран Тозија „Година на мајмунот“, кој освои четири меѓународни филмски награди. Во моментот на програмата на Македонската телевизија се прикажува детската играна серија „Зоки Поки“, заснована на популарната книга на писателката Оливера Николова, со која пораснаа многу генерации. А верувале или не, инспирацијата за Зоки Поки писателката ја добила токму од него, бидејќи и самата била сведок на неговите палавштини.
– Оливера Николова е подалечна роднина на мојата баба, кај која јас пораснав. Тие многу се дружеа, се посетуваа, тетка Оливера доаѓаше кај нас на слави, родендени и имаше можност добро да ме запознае. А јас како дете бев токму како Зоки Поки, темпераментен, палав, пргав. Но преку моето детство, во книгата е опишано и детството на моите врсници, сите деца од мојата генерација. Сите ги игравме истите игри: камај, народна, криенка, џамлии. Сепак, најмногу трчавме по топката, купувавме сладоледи, лимонади, одевме во кино, зоолошка, парк, на џафте-корзо. На извесен начин сите бевме Зоки Поки и неговата верна другарка Лидија – вели Зоран Блажевски.
Периодов од разбирливи причини тој паузира од ангажманите во угостителството, но никако не се откажува од него.
– Дојде некое чудно време за живеење во ова наше Скопје, се насели бижутерија од луѓе на кои не можам да им се обратам со мојот квалитет и голем багаж. За жал, периодов доминира турбофолк-генерацијата, а јас посакувам мојот опус да го завршам со некое локалче со три-четири маси и со една ретропрограма, каде што би доаѓале пријателски настроени луѓе. Но не брзам, барам добар простор, а локалот едноставно би се викал „Ретро“. Чувствувам дека тоа би било пријатно катче за моите пријатели, за луѓето од мојата генерација, кои и денес имаат немирен дух, каде што би се сеќавале на старите, но би се родиле уште многу нови приказни – открива Зоки Малиот од „Џубокс“.