Антологиската песна на славните „Битлси“, „Let it be“, објавена пред цели 50 години, деновиве доби македонска верзија. Текстот го напиша Огнен Неделковски, а во реализацијата на идејата на Ѓоко Ѓорчев учествуваа десетина познати македонски пејачи и музичари.
– Севременскиот хит на легендарните „Битлси“, „Let it be“, заедно со моите пријатели го преработивме во рок-манир, со македонски текст што го напиша Огнен Неделковски и се вика „Тука сме“. Ова е порака од нас до сите луѓе во Македонија во борбата со невидливиот непријател, ковид-19. Иако сите живееме со овој глобален проблем, се надеваме дека ние пејачите и музичарите со нашите онлајн активности барем малку придонесуваме во создавањето на малку порелаксирана атмосфера во многу домови. И преку оваа песна сакаме да внесеме малку надеж и малку среќа во секој дом, а им ја посветуваме на сите што се борат против опасниот вирус и на медицинските лица што им помагаат на болните на оздрават – вели популарниот македонски пејач Ѓоко Ѓорчев.
Освен него, во проектот учествуваат и други врвни пејачи и музичари: Катерина Танева од групата „Нели ти реков“, Катерина Брезева од групата „Соната“, „Трио Џентлмен“, Кристина Палија, Ирена Стевановска и Филип Стевановски. Тој го направи и аранжманот за песната, а во неговото студио се снимени и дел од вокалите, но материјалот е реализиран и во други студија. Завршниот микс е веќе направен и веќе се работи на видеото. Спотот за песната „Тука сме“ деновиве ќе ѝ биде претставен на јавноста.
– Целиот овој проект беше моја замисла и многу ми е драго што за многу кратко време успеваме да го реализираме докрај заедно со моите колеги, кои веднаш со големо задоволство прифатија сево ова заедно да го направиме. Се разбира, добивме поддршка и од неколку спонзори што застанаа зад проектот – вели Ѓорчев.